ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СЛАВЕ КАТИН – ЖИВОТ И ДЕЛА“
Како по некое непишано правило, мојата издавач-ката продукција секоја година се збогатуваше со нови дела на македонската иселеничка галаксија. Така, во 1993 година се појави публикацијата „Печалбарски копнеж” (1993), „Матица македонска“, на 156 страници на македонски јазик, (посветен на моите родители -печалбари). Рецензенти на ова дело се д-р Томе Саздов и Фиданка Танаскова, притоа во предговор кон ова дело д-р Томе Саздов, претседател на Матица на иселениците од Македонија истакнува:
„Во преку 44 публицистички текстови за македонските иселеници во Америка и Канада, Катин раскажува за своите средби и разговори со нив во македонските православни цркви, клубови и друштва, во овие две големи држави на Американскиот континент.
Пред нас дефилираат најразлични човекови судбини на повеќе генерации македонски иселеници, чии заеднички одлики, како своевидни мотиви во овие раскажувања, се носталгијата кон родниот крај, врските со старата татковина и стремежите за зачувување на нивниот национален и културен интегритет“, рече д-р Томе Саздов
Ова дело се појави само две години по осамостојувањето на Македонија, како суверена и независна држава, во неа посебен акцент е даден на заложбите на македонските иселеници за брза консолидација и успешна трансформација на земјата во демократска држава и нејзината ориентација за вклучување во евроатлантските структури.
Во овој историски момент, заедничка и единствена благородна цел на сите Македонци, е развојот на Република Македонија како матица на сите свои чеда, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат и на кои меридијани тие живеат.

„Од тие причини, ова дело на Катин е богата, автентична и значајна современа хроника на македонското иселеничко живеење во дијаспората, во случајов во САД и Канада. Всушност, по книгата „Печалбарски копнеж” со овој свој нов ракопис, се заокружува своите репортерски записи и кажувања за бројните македонски иселеници. Тие првобитно биле само макотрпни печалбари“, напиша д-р Томе Саздов.
Промоции и објави:
На 16 јули 1993 година се одрќа промоција на „Печалбарски копнеж” во Културниот центар во Охрид, чиј промотори беа д-р Томе Саздов и Фиданка Танаскова. Исто така на 29 октомври 1994 година, во Матицата на иселениците од Македонија се одржа промоција, на делото „Печалбарски копнеж“ за која зборуваа д-р Димитар Керамитчиев и Фиданка Танаскова.
Во паметењата, секако, ќе остане Љубанската илинденска иселеничка средба во 2004 година. Имено, на 31 јули 2004 година, а по повод 60-те години од отворањето на училиштето „Димитар Влахов“ како прво на мајчин македонски јазик во Преспа, а второ во Македонијана оваа значајна и незаборавна свеченост беа претставени литературните дела на поранешните ученици на училиштето „Димитар Влахов“ од Љубојно, меѓу кои и мои дела и тоа:„Печалбарски копнеж“, „Македонски иселенички паноптикум“ и монографијата за најголемиот донатор од иселеништвото „Атанас Близнаков“.
Пред присутните, на „Полена“ за трите книги и за моето творештвото зборуваа проф. д-р Томе Саздов, д-р Петре Лубаровски и Бошко Рајчовски – Пелистерски. Проф. д-р Томе Саздов особено се задржа на значењето и содржината на публикацијата „Печалбарски копнеж“, кој, меѓу другото, рече дека тоа е дело за македонското иселеништво, кое остава траги кај читателот.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН





