Во пресуда што може да биде пресвртница во работата на многу интернет медиуми за кои информирањето е второстепена работа, Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“, денеска доби три години и еден месец затвор за пет кривични дела. Тој ширел расистички и ксенофобичен материјал со текстовите што биле објавувани. А и за уцена, пиратерија на аудивизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
Но тоа не е единствената казна што ја доби Стаменковски. Тој мора да плати и 5.000 евра, а судот му изрече и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела. Тој не ќе може да врши регистрација на домен на портал во наредните 10 години откако пресудата ќе стане правосилна. Во исто време, престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени од негова страна. Со неколку збора – целокупната негова медиумска активност и на порталот кој внесуваше голем немир кај многу лица со измислени приказни за нивните приватни животи, доаѓа до крајот. Пресудата е првостепена и Марјан Доказ има право на жалба пред Апелацискиот суд.
Обвиненител во случајот беше Зорица Павловиќ, а процесот го водеше судијката Марија Клетничка-Марковска. Целиот процес на барање на обвинителката се одвиваше зад затворени врати поради заштита на приватноста на жртвите. Павловиќ образложи дека се работело за кривични дела против моралот и со цел да се заштити приватниот живот на оштетените, бидејќи ќе се изнесувале лични интимни работи.
Во јавноста не протекоа детали од она што се случуваше во судницата, но Ирена Мулачка и Валентина Вурмо, новинарки на неделникот „Фокус“, кои се оштетени во случајот, за медиумите изјавија дека очекуваат Стаменковски да ја добие заслужената казна затоа што тој се обидел да направи од нивните животи кошмар со објавување на невистинити текстови. И при тоа да ги заплаши за да не објавуваат текстови во неделникот.
Марјан Доказ беше обвинет и дека објавил текстови за двајца свештеници во кои било наведувано дека тие се поврзани со домашни и странски тајни служби, а со употребените закани се обидел да го поттикне народот да ги протера од манастирот во кој тие служеле.
Тој уценувал и луѓе. Според обвинението Стаменковски повикал на средба едно лице да побара пари од него за да не објавува приватни фотографии. Кога тоа лице одбило да оди на средба во пораталот „ДоказМ“ биле објавени повеќе текстови за жртвата.
Во целата шема кривични дела поврзани со него била вмешана и истражителка од МВР која била ангажирана во обвинителскиот Истражен центар. Тој контактирал со неа и се обидувал да дознае информации за предмети по кои се постапува, вклучително и за неговиот. Потоа тој објавувал лични податоци и фотографии за четворица други истражители.
Во текот на судењето Марјан Стаменковски изјави дека тој не направил кривично дело со она што го објавуваше на неговиот портал „ДоказМ“, туку дека тврдењата на обвинителството биле враќање на вербалниот деликт. Тоа го соопшти адвокатот на Стаменковски, Коста Најков: „Ова обвинение значи враќање на вербалниот деликт на мала врата. Без разлика на она што го пишувал Марјан или дали тоа некому му се допаѓа или не, тука разговараме за кривична одговорност, односно дали има или нема“, рече Најков по едно од рочиштата.
Марјан Стаменковски од притворот во Шутка на два пати беше пренесуван во болница поради проблеми со срцето.
Се претпоставува дека многу од текстовите што Стаменковски ги објавувал во „ДоказМ“ биле нарачувани, но ќе биде тешко да се дојде до нарачателите. Тој беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди, како и 90.000 евра.