Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во текот на август годинава исплати вкупно 623.150.780 денари (над 10 милиони евра) по основ на надоместок на плата за привремена спреченост за работа, од кои дури 414.050.780 денари (6,7 милиони евра) се исплатени за породилни отсуства.
Како што информирааат од ФЗО, станува збор за исклучително висока месечна реализација, постигната со засилена обработка на предметите и внимателно планирање на расположливите средства, со јасна цел – исплатите кон осигурениците да се одвиваат редовно и со стабилна динамика.
„При обработката на предметите се почитуваше хронолошкиот редослед, при што приоритет беше даден на осигурениците чии барања се со постар датум. Со ваквата динамика Фондот создаде услови надоместоците за боледување, а особено надоместоците за породилно отсуство, да се исплаќаат тековно и редовно. Посебен приоритет на исплатата на породилните надоместоци беше даден по насока на генералниот директор на Фондот, Златко Перински. Со внимателно планирање и ефикасно управување со средствата во август беа обезбедени над 414 милиони денари само за породилни надоместоци, без притоа да се наруши редовното намирување на другите финансиски обврски на Фондот“, соопшти ФЗО.
Ваквиот пристап, се наведува во соопштението, ќе продолжи и во наредниот период.
„Редовната исплата на боледувањата, со посебен фокус на породилните надоместоци, останува еден од приоритетите на раководството на Фондот, паралелно со обезбедувањето финансиска стабилност и непречено извршување на сите други обврски кон осигурениците и здравствениот систем. Зад овие бројки стојат осигуреници и семејства за кои навремената исплата значи сигурност во период кога им е најпотребна. Затоа Фондот продолжува со унапредување на организацијата и ефикасноста во работењето, со јасна цел – редовни исплати, пократко време на обработка и поголема сигурност за осигурениците“, порачуваат од ФЗО.





