Есента го означува почетокот на сезоната на грип, при што вирусите полесно циркулираат на постудениот и сув воздух. Луѓето често се собираат во затворени простории за да избегаат од студот, зголемувајќи го ризикот од пренос на грип. Токму поради ова, лекарите велат дека е императив да се примени вакцинација против грип, но и да се почитуваат лекарските совети. Со доаѓањето на зимата дополнително се комплицира и присуството на Ковид-19.

Ковид-19 и сезонскиот грип имаат слични симптоми, па токму поради е клучно да се остане буден, да се практикува социјално дистанцирање и да се носат маски за да се намали ризикот од пренесување.

Во овој период од годината, од суштинско значење е да се даде приоритет на нашето здравје и на здравјето на оние околу нас. Да се остане информиран, да се следат упатствата за јавно здравје и да се вакцинираме, клучни чекори за заштита на себе и на нашите заедници од двојната закана од сезонски грип и Ковид-19 во текот на есенските и зимските месеци, велат од Институот за јавно здравје во изјава за Скопјеинфо.

Оттаму истакнуваат дека согласно одлуката на Комисијата за заразни заболувања, постојано се подготвуваат месечни извештаи за Ковид-19 во рамките на месечниот Билтен за движењето на акутните заразни заболувања, а истите се достапни и на нивната веб страница. Според ИЈЗ, секојдневно се следи состојбата и на дневна основа и се располага со податоци за анализа на состојбата со Ковид-19 во РМ. Во однос на месечниот билтен, бројките се зголемуваат особено после август, за речиси шест пати:

– во месец јуни регистрирани се 29 заболени и 2 починати лица

– во месец јули регистрирани се 23 заболени и 0 починати лица

– во месец август регистрирани се 112 заболени и 1 починато лице

– во месец септември (заклучно со 27.09.2023) регистрирани се 740 заболени и 4 починати лица.

Како што велат од Институот за јавно здравје, со почетокот на есента и заладувањето на температурите, започнува и сезоната на настинки и респираторни инфекции, вклучително и грип и Ковид-19, па и очекуван е пораст на бројот на заболените од респираторни инфекции. Честите мутации на вирусот предизвикувач на Ковид-19, исто така придонесуваат за зголемување на бројот на заболени лица. Сепак, придржувањето на основните мерки за заштита од респираторни заболувања и почитување на советите од лекарите ќе допринесат за намалување на опасноста од заболување од респираторните заболувања, потенцираат тие.

Што се однесува до ковид статистиката во регионот, во Србија, за периодот 15-21.09.2023, регистрирани се 2.803 заболени лица. Во Црна Гора, за периодот 13-19.09.2023, регистрирани се 232 заболени лица. Во Бугарија, за периодот 22-28.09.2023, регистрирани се 1.336 заболени лица. Во Косово, за првите две недели од месец септември, регистрирани се 67 заболени лица. Согласно податоците од „Tessy“ системот на ЕЦДЦ, во Албанија во месец септември се регистрирани 2.167, а во Грција – 27.427 заболени лица. Имајќи ги предвид овие бројки, очекуван е бројот на позитивни лица во овој период од годината, истакнуваат од Институтот за јавно здравје, а ваквата статистика не треба да предизвика паника, туку да поттикне на внимателност, да се стапи со мерки на претпазливост и почитување на советите на лекарите.

Дополнително од ИЈЗ истакнуваат дека придржувањето кон препораките на јавно-здравствените власти и лекарите се основа за заштита на поединецот, но и на најблиските. Претходно комисијата за заразни болести веќе ја сподели со јавноста препораката за носење на заштитни маски во здравствените усатнови, а општите мерки на заштита од респираторни заболувања и понатаму остануваат исти: Избегнување на собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, почесто и темелно миење на рацете со сапун и вода, избегнување на близок контакт со болни лица, следење на препораките на здравствените работници во однос на заштита од предизвикувачите на респираторни инфекции во претстојната сезона и вакцинација против сезонски грип и Ковид-19.

Институот за јавно здравје уште еднаш ги потсети лицата кои имаат симптоми на респираторно заболување, вклучително и КОВИД-19:

– Следење на советите и  препораките на лекарите.

– Покривање на устата и носот со марамче при кашлање или кивање, по употреба марамчето да се фрли во канта за отпадоци.

– При кашлање и кивање да се покријат устата и носот со раката свиткана во лактот (не со дланка), ако се нема марамче.

– Останете дома додека сте болни.

– Одмарајте се и пијте повеќе течности.

– Доколку заболувањето се влошува и трае подолго, веднаш да се побара совет од лекар и да се посети здравствена установа!