Клучот за успешно воспитување среќни деца е да им дозволите да бидат несреќни.

Да, звучи парадоксално. Но, тоа е така. Така вели Товах Клајн, детски психолог и авторка на книгата „Како се развиваат малите деца“.

„Повеќето родители веруваат дека среќните деца се воспитуваат така што се обидувате да ги направите среќни. Но, вистината е дека децата многу добро знаат да најдат радост во сè. Сепак, тоа не е чувство кое постојано може да ги придружува“, вели Клајн, директорка на Центарот за ран развој на колеџот „Барнард“ при Универзитетот Колумбија.

Родителите имаат проблем да прифатат дека на децата им е дозволено да бидат лути, тажни или несреќни на кој било начин, вели таа. Затоа, кога детето е вознемирено, родителите инстинктивно бараат начин да го расположат или да го одвлечат вниманието од она што го растажува. Можеби ќе понудат некакво слатко задоволство, можеби ќе излезат во парк, а можеби незадоволството на детето ќе ги налути и ќе почнат да викаат. И да се разбереме, нема ништо лошо во тоа да направите нешто убаво за вашето дете, но не со тоа да го решите неговиот проблем на начин кој воопшто не е поврзан со причината.

Ова е особено точно ако причината за тагата на детето изгледа тривијална – не сте му дозволиле да гледа уште една епизода од „Кучешка патрола“ или сте му купиле чоколадо со лешници кое не го сака. Дури и во такви случаи, чувството на лутина не е погрешно, но реакциите може да се претерани. Тоа се, всушност, можности за да му покажете на детето како да се справува со чувствата, бидејќи тоа не го знае интуитивно.

Можете да му кажете на вашето дете да земе длабок здив и да го искористи моментот на тишина, за да го кажете само она што вие мислите дека детето го чувствува („Ти си лут затоа што…“). Покажете дека разбирате што чувствува детето, дека е во ред да се чувствува така, но дека тоа нема да ја промени вашата одлука. „Да, јас разбирам. Ти си лут затоа што сакаше да гледаш уште еден цртан филм. Посакувам да можев да ти дозволам, но не можам во моментов“.

„Силата доаѓа токму од тоа што можете да почувствувате и да доживеете силни емоции како што е гневот, да ги поминете и да ги надминете знаејќи дека тоа што имате такви чувства не ве прави помалку вредни и дека мама и тато се тука за вас, дека не се лути и дека не ве сакаат помалку поради тоа“, вели Товах Клајн.

Децата со кои се работи на надминување и справување со силните емоции наместо да се очекува да ги потиснат и да не ги покажуваат, учат да се справуваат со овие чувства на здрав начин во иднина, да развијат издржливост што им е потребна за да бидат среќни и успешни возрасни лица.

Затоа, родителите мора да прифатат дека нивните деца не можат секогаш да бидат среќни и задоволни и да им дозволат да бидат понекогаш и незадоволни. Оваа порака е еднакво важна како за оние родители што се обидуваат да му ја исполнат секоја желба на детето за да биде среќно така и за оние што го креваат својот глас при најмал знак на незадоволството на детето и бараат од него да не ги покажува своите негативни чувства, на кој било начин. И двете крајности се лоши и можат да предизвикаат проблеми во однесувањето на децата во иднина.