Владата на Словенија одлучи понеделник, 14 август да го прогласи за ден на солидарност, а граѓаните ќе добијат слободен ден за да помогнат во санирање на штетите од поплавите.

Премиерот Роберт Голоб соопшти дека земјата сака да го заврши тешкиот период во духот на солидарноста и дека луѓето ќе добијат слободен ден за да им помогнат на сите што се погодени од големите поплави.

Во видео-обраќање објавено на Инстаграм, Голоб наведе дека во последните денови пристигнале многу иницијативи и предлози од граѓаните во врска со катастрофалните поплави, а еден од нив е 14 август да се прогласи за слободен ден за сите да им покажат на погодените од катастрофата дека не се препуштени сами на себе.

Трговско-индустриската комора на Словенија ја критикуваше ваквата одлука, наведувајќи дека денот на солидарноста ќе создаде дополнителни трошоци за компаниите во другите делови на земјата и дека ќе биде подобро наместо слободен ден, владата да нареди дневниот трошок за труд да се донира за помош на ранливите.

Поплавите што ја погодија Словенија на крајот на минатата недела се прогласени за најголема природна катастрофа од независноста. Две третини од земјата беа уништени, многумина ги загубија своите домови, а шест лица ги загубија животите.