Европската унија не ги отфрли барањата на камионџиите. Стратегија за визи е официјален документ со кој ЕУ ги прифаќа возачите како професионалци. Сега се бара решение за преодниот период до следниот состанок на Европската комисија гога треба да се донесе новата визна либерализација за оваа категорија- вели Билјана Муратовска претседател на Асоцијацијата на транспортери „Макам транс“. Нејзината изјава доаѓа откако вчера медиумите од регионот објавија дека Европската комисија ги отфрлила сите предлози испратени од земјите од Западен Балкан во однос на ограничување на престојот на камионџиите и останатите превозници на тежок товар од регионот кон државите во во Шенген зоната.
-Не станува збор за никакво одбивање на барањата. Спогодбата е официјален документ кој трајно треба да го реши проблемот со престој на возачите во Шенген зоната. Се бара решение за преодниот период додека не се донесе, односно да нема контроли за престојот на возачите по правилото 90/180. На сила е старото решение кое дозволува престој од максимум 90 дена во период од 180 дена. Пративме допис до Министерството за надворешни работи, до сите амбасади со цел да се соберат на дно место и да се изнајде решени за проблемот – вели Муратовска.
Засега нема иницијатива за повторни блокади, бидејќи се чека Европскиот парламент кој најави нов состонок за две недели.
– Нема законски рок кога треба да се донесат новите визни правила. Ние се повикуваме на Спогодбата за меѓународен превоз со ЕУ од 1997 година за слободен проток на стоки. Добро е што сега се приклучија и Албанија и Косово на заедничките иницијативи на камионџиите, бидејќи претходно велеа дека немаат проблеми- вели Муратовска.
Дали барањата се одбиени?
Вчера регионалните медиуми објавија дека Европската комисија ги отфрлила сите предлози испратени од земјите од Западен Балкан во однос на ограничување на престојот на камионџиите и останатите превозници на тежок товар од регионот кон државите во во Шенген зоната. Камионџиите од регионот велат дека можни се нови протести од страна на превозниците и блокади на граничните премини и пристаништата.
Претходно, превозниците предложија професионалните возачи да добијат различни визи или сличен документ што ќе им овозможи да останат подолго и да работат во ЕУ без да го променат своето живеалиште, или нивното работно време според патните налози што ги преведуваат при транзит низ ЕУ да не се смета во времето на нивниот престој.
„Претставниците на ЕК рекоа на сите предлози дека се невозможни, не се во согласност со Шенген. На нашето прашање, ако веќе ги отфрлаат сите наши предлози, каков е нивниот предлог, одговорот беше дециден „возачите и превозниците мора да се прилагодат на правилото 90/180“, изјави за Вијести еден од учесниците на последниот состанок.
Муратовска пак објаснува дека со протести не се решава проблемот. Таа вели дека е тежок периодот, но дека треба да се издржи од страна на транспортерите.
Мината недела двајца камионџии, едниот од Босна и Херцеговина, другиот од Македонија беа вратени од пристаништето Росток – Германија. Босанецот веднаш бил депортиран од Германија и освен висока казна добил и забрана за влез во ЕУ од една година и изгубил дозвола за работа.
Македонскиот возач поминал само со казна од 150 евра и морал да ја напушти Германија „доброволно“ со авион бидејќи само три дена незаконски престојувал во Шенген-зоната. Двајцата го пречекориле дозволениот престој согласно новото правило 90/180 во ЕУ. Транспортерите велат дека ако продолжи ова, ќе треба да ги затворат своите бизниси.
Возачите се професионалци
Токму престојот на возачите во Шенген зоната беше причина за еднонеделните блокади на граничните премини. Протестот заврши по состанок на Европската комисија која за прв пат ги спомна возачите на камиони од трети земји како една од професионалните категории. Таа нагласи дека за нив би можеле да се воведат нови правила за продолжен краткорочен престој во Шенген зоната. Во стратегиската анализа објавена од Комисијата стои дека актуелниот режим од 90 дена престој во период од 180 дена создава сериозни проблеми за секторите кои зависат од постојана прекугранична мобилност, вклучително и товарниот транспорт, што е прашање од особено значење за земјите од Западен Балкан.
Во документот на Европската комисија се наведува дека сегашните правила на ЕУ дозволуваат престој во Шенген зоната до 90 дена во рок од 180 дена, додека за секој подолг престој е потребна долгорочна виза или дозвола за престој. Комисијата ја разгледува и можноста за воведување нова законска рамка на ниво на ЕУ, со посебен фокус на правилата за продолжен краткорочен престој, како и постепено укинување на постојните билатерални договори кои отстапуваат од единствените Шенген правила.
Стопанските комори апелираат до институциите активно да се вклучат во решавање на проблемот со визните и претстојните правила за професионалните возачи. Според нив, транспортот е „крвотокот“ на економијата, а вакви блокади директно ја погодуваат конкурентноста на македонските компании на европскиот пазар.
-Доколку не се обезбеди системско решение, ризикуваме ваквите ситуации да се повторуваат – предупредуваат од бизнис-заедницата.
Во фокусот сега се повторно најавените разговори со Европската комисија, од кои се очекува конкретен модел за олеснување на движењето на професионалните возачи во Шенген-зоната.



