ШЕСТ ГОДИНИ ГРЧКИ САБОТАЖИ НА СПОГОДБАТА ОД НИВИЦИ

Во 2021 година Британскиот национален музеј организираше мегаизложба во Националниот музеј во Канбера, Австралија, со наслов „Антички Грци: атлети, воини и херои“. Меѓу 170-те изложени објекти, два, и тоа меѓу најмаркантните, беа од Македонија, а таму претставени како од „Северна Македонија“. Тоа беше во согласност со Преспанската спогодба, со која јасно е кажано дека и тоа што како архивска граѓа е откопано и однесено од Македонија културолошки, цивилизациски и секако им припаѓа на античките Грци. Без разлика што термин антички Грци науката не познава. Ете, тоа се последиците од еден бесмислен потпис – се избришаа најмалку две и пол илјади години култура, цивилизација, археологија, наследство… на еден од најстарите народи – Македонците.
Но, да се вратиме во реално време, токму сега и овде.

Се разбуричка жабурнакот насобран за уставното и историско име

Со само една темпирана изјава, и тоа при давањето заклетва, новата претседателка на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која вешто и храбро ја избегна географската одредница „Северна“, предизвика политичка бура и го разбуричка жабурнакот насобран за уставното и историско име на земјата. Кој прв реагираше бурно, како небаре да дојде апокалипсата за Македонија? Народот вели каменот секогаш доаѓа одблизу, па така, и овој пат се потврди тоа. Први бурно реагираа дома. Тоа тие што флагрантно го прекршија Уставот, кога со внатрешни и надворешни политички притисоци тој незаконски се менуваше, сега бараат почитување на уставните одредби?! Со невидени политички притисоци е скроена и Преспанската спогодба и таму се крие еден од аргументите за нејзина анихилација – поништување. Секој договор постигнат под принуда, односно со фактор сила, ќе се смета за невалиден, такви се словото и принципите на договорното право, потенцираат експерти по меѓународно право.

МИЦОТАКИС НЕ ГЛЕДА ВО СОПСТВЕНИОТ ДВОР, ТУКУ ВИНАТА ЈА БАРА ВО ТУЃИОТ

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера, како што пренесоа грчки медиуми, силно го изразил грчкото неодобрување на ставот и постапките на македонската претседателка. Тој истакнува дека „Грција ги отфрла манипулациите како оние со кои г-ѓа Силјановска го отвора својот мандат“ и „ја повикува да се врати на своите законски обврски и на однесувањата што произлегуваат од нејзината улога“.
– Категорично наведуваме дека нема да прифатиме слични лапсуси. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависи од искреното почитување на договорите, од правилната употреба на уставното име на соседната држава и, секако, од избегнување предизвици – порачува со заканувачки недипломатски тон Мицотакис.
И министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетридис, во интервју за весникот „Врадини“ вели дека повеќепати нагласил оти „патот на Северна Македонија кон Европската Унија оди и преку доследно почитување на Договорот од Преспа“. Притоа тој вели дека ревизија на Преспанскиот договор не е можна без договор на страните.
Мицотакис претходно за „Катимерини“ изјави дека ќе го чека официјалниот став за името на државата.
– Јас лично не се согласував со Договорот од Преспа. Но го прифатив во контекст на континуитетот на државата и сфатив дека, и покрај моето несогласување, морам да го почитувам. Сакам да се надевам дека она што се слушаше пред изборите нема да се слушне по изборите. Ако се случи тоа, ќе имаме проблеми – рече Мицотакис.

Атина сè уште ги нема ратификувано меморандумите, не направила ништо за промената на учебниците, за промена на трговските ознаки, но и за
промена на сообраќајните табли

Што притоа заборава грчкиот премиер или зошто на (не)примената на Преспанскиот договор гледа со розови очила? И таков каков што е скроен асиметричен на штета на Македонија, Атина речиси воопшто не го применува договорот. Партијата СИРИЗА, која беше на власт кога се потпиша тој договор, во соопштение наведува дека Владата на Мицотакис „пет години не направи ништо за да го заштити договорот“, а како пример споменува дека сè уште ги нема ратификувано меморандумите, не направила ништо за промената на учебниците, за промена на трговските ознаки на компаниите од соседната земја, но и за промена на сообраќајните табли во Грција.
– Не само што не ги ратификуваше трите меморандуми од 2019 година што имаа јасни придобивки за земјата туку не се одржа ниту еден Висок совет за соработка – и покрај предвиденото за еднаш годишно, а беше потпишан само еден меѓудржавен договор наместо да се договорат десетици нови – велат од СИРИЗА.

АКО ЕДНА СТРАНА НЕ ГО ПОЧИТУВА ДОГОВОРОТ, ТОЈ СЕ ПОНИШТУВА

Поранешен македонски амбасадор вели дека, според неговите сознанија, Грција речиси ништо не спровела од преземените обврски.
– Освен што декларативно нѐ поддржува за патот кон ЕУ, нема направено ништо друго посериозно. Три декларации од потпишувањето стојат во фиока во грчкиот парламент. Не ги ратификуваат. Затоа ја изгубија и контролата на македонското небо, за која сега се грижат Италијанците – вели амбасадорот.
Некои професори посочуваат, што е ноторен факт и во самата Грција, дека владата во Атина не го почитува Преспанскиот договор, па дури и се наведени точките каде што тоа намерно не се спроведува, веројатно и за домашна употреба кога ќе им затреба, тогаш, според одредбите на тој договор, тој станува ништовен.
– Ние сега треба да ја известиме Првата страна (Грција) дека овој договор не функционира бидејќи само еднострано, од наша страна го почитуваме, а тие го прекршуваат. За оваа фактичка состојба треба да ги известиме и ОН како медијатор на договорот и оти се враќаме на почеток пред потпишувањето на договорот (restitutio in integrum) заради нејзиното неспроведување на обврските – истакнува проф. Игор Јанев, извонреден познавач на системот на ОН.
Дали ова потсетува на периодот кога Грција ја обвинуваше Македонија дека ја прекршува Привремената спогодба, а не таа? Одговорот е да. Дали Грција го загуби случајот пред Меѓународниот суд на правдата? Одговорот е да. Можно е историјата да се повторува, но тоа е веќе внатрешен проблем на Грција, која не сака да го спроведува договорено. Остана отворено и прашањето за статусот, положбата и правата на Македонците во Грција, кое веројатно новата влада би можела да го отвори.


Дилеми: Македонија за дома или за севкупна употреба?

Никој не може да ни забрани дома да го употребуваме името Македонија! Со оваа реченица многумина домашни и странски експерти по меѓународно право со кои контактиравме деновиве застанаа во одбрана на новата претседателка на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, за што секако аргументираа од легалистички аспект. Нивната констатација е дека гореспоменатиот став и потегот на Силјановска е исправен!
Во деновиве што следуваат ќе откриваме уште нешта во кои се отишло подалеку и од онака катастрофално лошиот договор со Грција и кој во последниве години жестоко инсистирал на употребата на „Северна“.
Останува прашањето дали именката Македонија и сите изведени придавки во иднина ќе ги користиме, како што велат нашите домашни соговорници, само дома, во папучи гледајќи ТВ, или пеејќи песни по меани, или ќе се направи силна дипломатска стратегија за враќање на старото име, тоа што ни припаѓа и кое го бара народот. Народот го даде мандатот и народот кажува дека името Македонија е негово.

Извор: Нова Македонија