Македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ, кој во 2021 година се најде во дипломатска афера во Ерменија, во земјава е дел од сопственичката структура на фирмата „Евро консалтинг ДОО“. Таа заедно со шпанската „Ептиса“, за која работел во поранешната советска република, се дел од конзорциумот на компании кои го добија тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10 Д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, се наведува во истражувањето на Призма.
Ерменија го бара за измама и во отсуство му е одредена мерка притвор. Од поранешната советска република бил извлечен со приватен авион од тројца македонски дипломати, а причина за таквиот чекор била отпочнатата истрага на властите во Ереван за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“.
Истрагата против него е покрената како тим лидер на француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“. Како што вели портпаролката на ерменското обвинителство, Лусин Мартиросијан за БИРН, отпочната е „врз основа на доволно докази прибавени во кривичниот предмет“ и се товари по член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик“ кој се однесува на „извршена измама од голем обем“.