Важат ли старите процедури за новиот сој на ковид-19

Зголемен број позитивни случаи на ковид-19 во Србија. Во последните седум дена вирусот е потврден кај 1.529 лица, што е зголемување за 565 во однос на претходната недела. Минатата недела во Србија имало 964 заболени, а следното известување ќе биде објавено на 21 септември, соопшти Министерството за здравство. Нема смртни случаи од коронавирусот, а во болниците во моментов нема хоспитализирани лица.
Инаку, минатата недела во Србија пристигна подваријантата на сојот омикрон, т.н. ерис.
Иако ковид-19 остана цело време меѓу нас со новите видови, во Македонија веќе одамна оваа тема не е дел од тежишниот јавен интерес. Надлежните освен што водат евиденција за нови случаи, немаат некои посебни протоколи. Тестирања речиси и постојат, а вакцинацијата одамна е завршен процес. Експертите велат дека тоа е резултат на намалениот капацитет на вирусот за предизвикување компликации и новите случаи се повеќе статистика отколку сериозна закана.
Според последните информации што можат да се најдат на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, во текот на август во земјава биле пријавени вкупно 112 случаи на ковид-19, а еден пациент починал. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31.8.2023, се пријавени вкупно 348.491 потврден случај на ковид-19 и 9.942 смртни случаи.

Секој нов сој на ковид носи промени, а на новите мутации не треба да се
гледа несериозно

Познатиот српски епидемиолог Бранислав Тиодоровиќ вели дека нема место за паника поради појавата на новиот вид коронавирус. Тој посочува дека појавата на нов сој ковид не е нешто неочекувано, бидејќи вирусот е способен да мутира, и дека и понатаму ќе бидеме сведоци на нови мутации во иднина. Тој напоменува дека е добро што со секоја мутација вирусот го губи потенцијалот да остави посериозни последици кај лицата што се заразени.
Сепак, Тиодоровиќ предупредува дека на новите мутации не треба да се гледа несериозно и треба да се води сметка, бидејќи повеќето луѓе се во непосредна опасност, особено постарите и хронично болните.
Експертите смируваат и велат дека, според познатите информации за омикронскиот супстраин ЕГ.5, тој не треба да претставува потешка клиничка слика на ковид. Симптомите може да вклучуваат покачена телесна температура, губење на чувството за вкус и мирис, болки во грлото, кашлица, замор, течење на носот. Овие симптоми се слични на оние на слаба респираторна инфекција.
Единственото значење што го има супстраинот за граѓаните е неговата брзина на ширење. Утврдено е дека се шири малку побрзо од претходните подваријанти.

Проф. Даниловски:
Тестирања не се потребни, без фрлање пари задодатоци во исхраната и, најважно,
без антибиотици

Според епидемиологот Драган Даниловски, поради поголемата заразност на новите варијанти, очекувано е да се зголеми бројот на инфекции, особено наесен и во текот на зимата.
– Зарем се потресувавме кога редовно се јавуваа зголемен број настинки во ладните месеци во периодот пред пандемијата? Секако дека не. Така и сега.
Бројот на настинки и оваа ладна сезона ќе си порасне. Причинители нема да бидат само новите варијанти на коронавирусот, ќе имаме и други, како секогаш: грип, аденовируси, риновируси, респираторен синцицијален вирус (РСВ), четирите типа коронавируси познати веќе над 60 години. Ним ќе им се придружи и нивниот најнов сродник, „новиот“ коронавирус (Сарс-Ков-2) со некоја од своите варијанти – објаснува епидемиологот.
Сепак, тој посочува и дека нема никаква потреба веќе за симптоми на настинка (дури ако се појави и покачена температура) да се прават тестирања.
– Чуму тестирање? Доволни се многу течности, пробиотици и пребиотици. Без фрлање пари за додатоци во исхраната и, најважно, без антибиотици. Стручно е неприфатливо објаснувањето на некои доктори дека пропишуваат антибиотик за црвено грло, „за да не се спушти на белите дробови“! Ако се појави пневмонија, дури тогаш треба да се направи крвна слика. Ако таа покаже дека станува збор за бактериска пневмонија, дури тогаш е потребен антибиотик. И толку. Исто како минатите години со грипот, и отсега натаму ризични групи се старите лица, особено ако имаат и хронични болести. Добро е тие да внимаваат. И, исто како за грипот, да се вакцинираат оваа сезона, секако по сопствена желба. Штета што сѐ уште го немаме набавено лекот „паксловид“, кој спасува живот, но и „тамифлу“, лек против грипот – заклучува професорот Даниловски.


Во Албанија за една недела повеќе од 900 потврдени позитивни случаи на ковид

Во Албанија се зголемува бројот на заразени со коронавирус и, според Институтот за јавно здравје, позитивен резултат е добиен кај 40 отсто од тестираните. Само во последната недела во Албанија се направени 2.000 теста за ковид-19, а речиси половина, односно над 900 се позитивни.
– Пациентите со денови се соочуваат со зашеметеност, болки во грлото, кашлица, треска и замор – изјави Еугена Томини, директорка на институтот.
Според неа, летната сезона и доаѓањето на голем број туристи и емигранти во Албанија ги зголемиле случаите со коронавирус. Таа препорачува доколку граѓаните ги почувствуваат овие симптоми, веднаш да направат брз тест за ковид.
– Изминатата недела кај 40 отсто од пациентите што направиле брз тест се потврдило дека се заразени од ковид-19. Позитивните случаи во овој период се многу повисоки од официјалните бројки, бидејќи не се тестираат сите што имаат симптоми. Враќањето на децата на училиште и температурните промени се очекува да ги зголемат случаите на ковид, покрај другите вируси што циркулираат – посочува таа.
Сепак, според Томини, ситуацијата не е загрижувачка. Ковид-19 ја намали својата агресивност и болеста во оваа сезона личи на слаба состојба на грип.