Ексклузивно за Мактел – писателката Ксенија Николова: Суштината на уметноста не е да дава одговори, туку да поставува прашања

Date:

-Еден месец во литературна резиденција во околината на Париз. Нешто што треба да ги надополни твоите творечки инпирации? Како течеше процесот на аплицирање и што се е потребно за еден уметник да искористи ваква можност?


Николова: Да, еден месец во литературната резиденција Les Ateliers de Création et d’Expression Artistique (ACEA) во Marnay-sur-Seine, преубаво, волшебно селце на околу еден час со воз од Париз. Да бидам дел од нешто вакво беше моја огромна желба и некаде на почетокот на годината дознав дека сум примена, а потоа се појави шансата оваа моја резиденција да биде поддржана од УНЕСКО преку проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ проект финансиран од Европската Унија. Тоа за мене значеше голема валидација на она што досега е сработено, секако еден од критериумите беше и досегашната работа и сето она што е постигнато. Сметам дека е особено важно да истражуваме и да се обидуваме, да не се плашиме да откриваме нови хоризонти, да имаме желба да се вмрежуваме. Јас не престанувам да се обидувам, дури и после многу порази, мојот ентузијазам и понатаму живее, а сметам дека тоа е клучно за подобрување на себеси, на својата работа, но и за отворање на нови можности.
-Какви се твоите искуства од Париз и околината? Какви се твоите впечатоци од престојот во Франција?
Николова: Не сум првпат во Франција, но првпат сум во Marnay-sur-Seine. Ова место е волшебно, навистина зрачи со една таква енергија. Природата е преубава, Сена е тука и го прави местото уште помагично, а животот на локалците е смирен, лежерен и полн со мудрости. За мене, Франција е една од поубавите земји, навистина има толку многу што да се види, да се посети, да се открие. Инспирацијата е насекаде, благословена сум што сум тука. Моето досегашно искуство е одлично, открив еден нов, интересен свет, добив огромна желба сето тоа да го преточам во новиот роман и во себе носам безброј емоции. Франција е земја што треба да се посети и треба да се истражува. Да кажам дека Париз е мојот омилен град, ќе звучи како најголемо клише, но тоа е вистината. Париз е нешто посебно, нешто што треба да се доживее.


-Како го избра местото за резиденција?


Николова: Знаев дека сакам да биде во Франција, зашто веќе некое време го учам францускиот јазик и некако ме влечеше сето тоа. Истражував и ја пронајдов оваа резиденција, беше нешто поинакво, нешто уникатно и решив да си ја пробам среќата. Коцките се поклопија и некако сите нешта водеа кон Marnay-sur-Seine.


-Оваа литературна резиденција ти овозможува време за откривање, инспирирање и пишување во еден нов амбиент. На што работиш?


Николова: Така е, работам на мојот нов роман, моментално сум во фаза на истражување и прибирање податоци. Имам замисла, имам некоја визија и полека целата слика станува појасна. Процесот на создавање на едно дело си трае, а јас уживам во секој момент. Овој роман ми е голема одговорност, осми по ред, поголем во секоја смисла на зборот.


-Авторка си на 7 книги кои се веќе интернационално признати и преведени на повеќе јазици. Во нивниот фокус е жената. Кои се твоите инспирации?


Николова: Да, жената е фокусот на моето творештво, но и животот исто така. Отсекогаш сум била инспирирана од општествени теми и уживам да создавам ликови со кои луѓето можат да се поврзат преку своите стравови и темни страни. Суштината на уметноста не е да ни дава одговори, туку да ни поставува прашања, а ние потоа да патуваме низ процесот на запознавање на себеси и откривање на уште една голема вистина. Со други зборови, јас никогаш не сум била кукавица во мојата уметност и не се чувствувам како трговец, пишувам за она што ме движи, но и за она за што луѓето не зборуваат, за она што е најтешко, за она што е најболно, за она што е во нашата срж. Не сервирам само среќа и радост, сервирам вистина, а таа со себе покрај големиот товар, ја носи и најголемата среќа, најголемата радост, ако сме спремни да ја прифатиме и да ја живееме нашата автентичност.


-Ти се основач на BW2CLUB. Која е твоја визија и мисија?


Николова: Да, веќе две години работам на женската организација Better Women Better World, организација што има за цел да ги зајакне и поврзе жените и девојките ширум светот. Оваа година го лансиравме и нашиот продукт, дигиталната платформа и мобилна апликација BW2CLUB, сигурно место каде што жените и девојките можат да комуницираат, да се поврзат, да бидат дел од едно интересно катче каде организираме и настани, креативни предизвици, дискусии на важни теми и друго. Мојата визија е ова да прерасне во интернационално движење, тоа полека, но сигурно почнува да се случува, имаме кориснички од нас 22 земји, имаме партнерства со други организации од разни земји и области, полека почнуваме да работиме и на интернационални проекти и заеднички да чекориме кон целта, зашто тоа само така е возможно. Воедно, ги повикувам сите кои се инспирирани од женското зајакнување да ни се придружат, да ме контактираат и да се поврземе. Нашата апликација BW2CLUB е бесплатна и достапна и во Apple Store и во Google Play Store, а јас сум достапна за секакви идеи и интересни концепти за соработка.


-Што би им препорачала на младите талентирани луѓе кои сега го започнуваат своето патување во уметноста и литературата? Што е клучно за успех?


Николова: Да не се откажуваат, да останат љубопитни, да работат на себе и постојано да бидат отворени за конструктивна критика, зашто нема нешто подрагоцено од тоа некој да ти укаже на грешките. Со други зборови, да бидат подготвени егото да им се скрши на милион парчиња и сето тоа за нивно добро.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

Сподели:

Потпишете се

spot_imgspot_img

Топ вести

Поврзани
Related

Свинско филе со смокви и балсамико глазура

Ова свинско филе подготвено со смокви и глазура од...

Песков: Украина може да влезе во ЕУ, но не и во НАТО

Кремљ денеска објави дека суверено право на Украина е...

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ продаден во голем број земји ќе се прикажува и во Австралија

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски...

60 отсто од граѓаните го поддржуваат процесот на зачленување на Македонија во ЕУ

Над 60 проценти од граѓаните на Македонија продолжуваат со...