Едукација и подигнување на свеста кај населението за штетите од загадувањето на животната средина, за децата, но и за возрастните и  примена на казнени одредби, како и поголем број на комунални инспектори на терен е она што граѓаните од западниот дел на земјава бараат за да се придонесе кон почиста животна средина. Охрабрува фактот дека 85 отсто од граѓаните би се вклучиле во активности за заштита на животната средина и намалување на загадувањето, покажа истражувањето кое Рурална коалиција го реализирираше на територијата на општините Кичево, Пласница и Македонски Брод.

Рурална Коалиција во рамките на проектот: „Локални партнерства за локални климатски акции“ вчера ја одржа јавната трибина во општина Македонски Брод на тема: „Колку ја сметаме локалната заедница за еколошки свесна и совесна?“.

На јавната трибина беа презентирани резултатите од истражувањето кое што Рурална коалиција го реализирираше на територијата на општините Кичево, Пласница и Македонски брод, а кои што се дел од Локалната акциска група – ЛАГ Треска. Истражувањето ја дава реалната слика и ставовите на сите локални чинители – институции, училишта, градинки, општини, граѓани за еколошката свест во локалната заедница, но и за главните предизвици со кои што се соочува локалното население и институциите на територијата на трите општини.
Имено, во рамките на истражувањето беа опфатени 321 испитаник од трите општини опфаќајќи ги сите возрасти и етничка припадност, при што над 58 отсто од нив изјавиле дека живеат во загадена животна средина, при што над 46 отсто од нив сметаат дека животната средина им е многу загадена.

Како најчести причини за загадување на животната средина ги наведуваат:
– Спалување на отпад вклучувајќи тука и земјоделски остатоци и стрништа
– Нецелосна покриеност со атмосферска и фекална канализација и присуство на септички јами
– Немање на доволно контејнери, канти, нередовно собирање на отпад, како и немање на канти и можности за селекција на отпад
– Ниска јавна свест кај локалното население
– Недостаток на финансиски средства кај општините за справување со отпадот
– Недоволен ангажман на локалните комунални претпријатија
– Недоволно инспектори и стручни лица за спроведување на законската регулатива поврзана со заштитата на животната средина на терен

Но, кога доаѓа до мерките кои што локалното население би ги презело за да се намали загадувањето на животната средина две главни мерки доминираа, а тоа е едукација и подигнување на свеста кај населението за штетите од загадувањето на животната средина, при што беше напоменато дека едукација е потребна и на децата, но и на возрасните во исто време и втората мерка примена на казнени одредби и поголем број на комунални инспектори на терен. Она што охрабрува е дека на прашањето дали како граѓани би се вклучиле во активности за заштита на животната средина и намалување на загадувањето, над 85% одговориле потврдно“ – напомена на трибината Лилјана Јоноски, како извршна директорка на Рурална Коалиција, коментирајќи ги резултатите од истражувањето.

Трибината претставуваше можност да се продискутираат резултатите, да се надополнат мерките и препораките, по што анализата ќе ја добие својата финална квантитативна и квалитативна содржина од која што ќе бидат извлечени и кратки документи за јавни политики кои што ќе бидат доставени до општините, а истата ќе им послужи и во изработката на Локалните еколошки акциски планови што е една од следните активности во рамките на проектот.

Проектот е дизајниран со цел да придонесе кон општата цел зацртана во истиот, а тоа е:
Зајакнување на локалните партнерства и долгорочен развој на локалните чинители во институционалната борба со климатските промени, додека пак со одржувањето на трибината и изготвувањето на анализата директно продонесуваме кон зајакнување на капацитетите и знаењата на граѓаните и локалните ГО на темата клима и вклучување во локалните процеси на донесување на одлуки.

Проектот “Локални партнерства за локални климатски акции“ е финансиран со институционален грант во рамките на проектот “ГОи во акција за климатските промени“ спроведуван од Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници – МЗМП и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија, а финансиран од Владата на Шведска.