Следната седмица околу 1.000 избрани и именувани функционери, како и повеќе од 1.000 судии и обвинители ќе добијат плати што се повисоки во просек за околу 1.000 евра, што значи дека од буџетот што го полнат граѓаните најмалку два милиона евра месечно ќе одат за платите на функционерите, сè додека не се донесе нов закон со кој ќе се уреди оваа материја

Речиси месец и половина откако Владата најави дека ќе преземе итни мерки за намалување на платите на избраните и на именуваните функционери кои по одлуката на Уставниот суд од 21 март пораснаа и до 78 отсто, извршната власт сè уште не ги подготвила законските измени, а ниту законодавната власт не презема никакви чекори.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека се собираат информации врз чија основа се изготвува нов закон за платите на избраните и на именуваните функционери и очекува наскоро да биде ставен на јавна расправа, без да прецизира кога, а синдикатите пак предупредија дека тој закон е ставен под тепих.

– Мислам дека веќе е подготвена и првична верзија на законот за плати и потоа ќе влезе во собраниска процедура каде што ќе треба да се изјаснат сите политички партии. Во однос на другите плати веќе се разговара на Економско-социјалниот совет за општиот колективен договор, со кој исто така ќе се стави ред и конзистентност во исплатата на платите на работниците. Сега имаме различни колективни договори со кои на работници со исто ниво на одговорности во различни области им овозможуваат различно ниво на плати. И кај функционерите – имате пратеник со плата од 60.000 денари, а има и секретари или секретарки во одредено регулаторно тело со 90.000 денари плата. Сметам дека е тоа неконзистентно – рече Ковачевски.

Деновиве и Светската банка ја предупреди Владата дека во услови на економска криза не е во ред да се покачуваат платите на функционерите.

– Не верувам дека ова е вистинскиот пат. Мислам дека Владата веќе работи да го исправи тоа и дека оваа одлука дојде неочекувано – рече Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист во Светска банка.

Следната седмица околу 1.000 избрани и именувани функционери, како и приближно 1.000 судии и обвинители ќе добијат плати што се повисоки во просек за околу 1.000 евра, што значи дека од буџетот што го полнат граѓаните најмалку два милиона евра месечно ќе отидат за платите на функционерите и колку подолго се одложува новиот закон за плати, толку подолго од буџетот ќе се одлеваат милиони за нивните месечни примања.

Платата на премиерот, на претседателот на државата и на спикерот за април ќе биде повисока за околу 70 илјади денари, на претседателот на Уставниот суд и на потпретседателите на Собранието за околу 60 илјади денари, а на министрите и на пратениците за околу 56 илјади.

Уставниот суд ја укина замрзнатата основица за пресметување на платите и на сила како основица остана просечната плата исплатена во претходната година, помножена со коефициент во зависност од сложеноста на функцијата, плус надоместоците за стаж и по други основи. Така, на сметките на премиерот Димитар Ковачевски, на шефот на државата Стево Пендаровски и на спикерот Талат Џафери, кои имаат највисоки коефициенти (4,5) следната недела ќе им легнат месечни примања од околу 160.000 денари.

За споредба, минималната плата е 20.000 денари, што значи дека еден работник на минималец треба да работи осум месеци за да заработи една премиерска плата, а работник што зема просечна плата од 34.000 денари треба да работи пет месеци за таа сума.

По највисоките функционери, следни со највисоки плати со коефициент 4 се претседателот на Уставниот суд и потпретседателите на Собранието, па пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, градоначалничката на Скопје, јавниот и народниот правобранител и секретарите на Владата и Собранието, со коефициент 3,7.

По одлуката на Уставниот суд владините функционери најавија дека ќе работат на корекции со кои ќе се намалат платите, а потоа Ковачевски изјави дека одлуките на Уставниот суд се конечни и треба да се почитуваат. Неодамна, пак, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска рече дека новиот закон треба да воведе систем на праведна и правична исплата на платите и посочи дека на решението интензивно работат повеќе министерства веќе неколку месеци.

„Слободен печат“ ја праша Владата до каде е постапката за измена на постојниот закон додека се чека новиот и колку време е потребно за да се подготви законот. Прашавме и дали сега функционерите се задоволни од месечните примања, колкава е платата на премиерот за април и дали Владата смета дека е примено при економска криза да се дозволи функционерите со месеци да го користат зголемувањето, одобрено откако е најавено дека итно ќе се изврши корекција, но не добивме одговор, а доколку добиеме, веднаш ќе го објавиме.