Само една ноќ без спиење може да направи мозокот да се чувствува постар со години, покажува заедничкото истражување на дански, швајцарски и германски истражувачи од центарот „Форшунгцентрум Јулих“.
Значајни промени во структурата на мозокот биле забележани кај испитаниците што биле лишени од сон само една ноќ. Истражувањето покажува дека само една ноќ лишување од сон може да предизвика значителни промени во структурата на мозокот, што го прави да се однесува една или две години постар.

Анализите укажуваат дека дури третина од возрасните барем еднаш во животот страдаат од несоница и проблеми со спиењето, а како последица на недостигот на сон доаѓа до исцрпеност и тешкотии при извршувањето на секојдневните активности. Но, се чини дека недостигот на сон може да има и многу посериозни последици – и тоа врз мозокот.
Истражувачите ги анализирале податоците од мозочната магнетна резонанса на 134 здрави учесници на возраст од 19 до 39 години. Учесниците биле изложени на различни услови за спиење во период од пет дена – од целосно лишување од сон во текот на 24 часа, делумно лишување од сон од 3 часа без сон во текот на ноќта и хроничен недостиг, кој вклучувал 5 будни часа во текот на ноќта. Во истражувањето била вклучена и контролна група на учесници кои спиеле 8 часа во текот на ноќта.

Резултатите покажале дека групата испитаници кои целосно се лишиле од сон имале значителни промени во структурата на мозокот и најголем пораст на возраста на мозокот од една или две години.

Добрата вест е дека ова „стареење на мозокот“ може да се врати доколку човекот може да ги надомести изгубените часови сон. Интересно е што по само една ноќ здрав сон, староста на мозокот се вратила во „старата“ состојба.