Една недела е хакиран системот на Фондот за здравство. На банкарските сметки на родилките нема да легне надоместокот за плата за породилно отсуство додека не се отстрани проблемот, за којшто се молчи. МВР преку секторот за компјутерски криминал уште трага по хакерите, а граѓаните се нервозни. Се жалат дека Фондот неодговорно раководи со нивните пари и ги става во непријатна позиција надоместоците од кои зависат, да ги добиваат со безобразни доцнења. Не се остварува ниту правото на рефундација на лекови кои граѓаните ги купиле од свој џеб.

-Ни требаат парите од боледувања, на нив чекаме. Контрола, лекови, покрај тоа тебе банката не те прашува дали си зел плата или боледување. Ова трае не два дена, па да го решат проблемот, ова трае со недели нема смисла, коментира граѓанка на Фејсбук страницата на ФЗОМ од каде уверуваат дека ,,правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено”.

Во подрачните канцеларии на Фондот се примаат документите за отворање на ново породилно отсуство, ама не се процесуираат. Само се архивираат и чекаат некој да го врати во живот системот за кој ревизорот редовно констатира дека е и повеќе од фаличен.

Во функционирањето на ИТ системот на Фондот постојат слабости поради застарена и амортизирана серверска структура, недостиг на ИТ кадар и отсуство на ИТ стратегија.

Лекарите со револт ја дочекаа веста дека платата ќе им доцни поради хакираниот систем на ФЗОМ.

-Дегутантно е да се зборува за статистика за одлив на здравствени работници, а притоа личниот доход да не им го исплатиш на време иако најодговорно си го заработеле, пишува на Фејсбук докторот од Инфективната клиника Коста Капсаров.

И другите негови колеги не добија плата во петокот, зашто исплатите одат преку системот на ФЗОМ кој што е хакиран од непознати сторители. Меѓу бројните забелешки на ревизорот, во најновиот извештај кој беше објавен минатат недела, добар дел заземаат и тие за системот на Фондот и ИТ сегментите од функционирањето на оваа витална институција.

Не се донесени ИТ стратегии за развој на информацискиот систем, заштита на податоците и функционирање на системот по евентуални катастрофи согласно стандардите за информациска безбедност. Презентираните ИТ политики и процедури за ИТ безбедност се од 2014 година и не се ажурирани подолго време. Со годишниот план за јавни набавки за 2022 година предвидена е набавка на услуги за ревизија и препораки за креирање на ИТ безбедносна политика, управување со софтверски решенија и бизнис континуитет на секторот информатика со која се очекува да се надмине наведената состојба, но до денот на ревизијата ова не е спроведено, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Последните години, информатичарите редовно ги напуштаат работните места во ФЗОМ и има перманентен одлив на вработени. Од вкупно предвидените 34, во 2021 година се пополнети 2 работни места и ангажирани 5 лица со договор на дело, а во 2022 година пополнети се 3 работни места и 3 лица со договор за дело.

,,Состојбата со кадарот не е доволна за одржување на ИТ системот на Фондот, а развојната компонента во целост ја врши ангажирана информатичка компанија, иако Фондот го поседува изворниот код за информацискиот систем. Серверската структура во систем салата на Фондот е застарена и целосно амортизирана како резултат на непрекинато работење и не е во можност целосно да одговори на моменталните потреби на Фондот, особено што не е обезбедено одржување, ниту секундарна локација на истата. Во текот на 2022 година отпочната е постапка за јавна набавка на услуги за изнајмување на приватен „облак“ за примарен и секундарен податочен центар во Фондот и миграција на апликации и податоци со кој се очекува состојбата да биде надмината. Во текот на 2022 година Владата на РМ по склучен договор со ИТ компанија му доделила на Фондот 10 лиценци за користење на софтвер со кој ќе се овозможи анализа, интегрирање и поврзување на податоците од различните бази и апликации и во периодот на вршење на ревизијата функционалноста на истите е во фаза на тестирање” наведува ревизорот.

Од Фондот пак, во екот на ваквата сајбер криза во која е западнат системот, решија да комуницираат со јавноста исклучиво еднонасочно, преку соопштенија. Од ФЗОМ велат дека сајбер нападот им се случува непосредно пред планираната миграција на системската инфраструктура.

-Анализите на експертските тимови покажуваат дека нема излевање на податоците надвор од базите на Фондот. Отпочната е постапка за јавна набавка на услуги за изнајмување на приватен облак за примарен и секундарен податочен центар во Фондот и миграција на апликации и податоци. Јавната набавка е распишана на 30 септември лани а договорот е склучен на 9 декември. Селектираната компанија почна со работа од први јануари 2023 година. поред планот и спецификацијата првата фаза односно миграцијата на системската инфраструктура требаше да се реализира во оваа недела, кога всушност се случи нападот. Техничките тимови приоритет даваат на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на плати на здравствените работници како и за другите форми на исплата односно боледувањата, породилното и рефундациите, посочуваат од ФЗОМ.