Енес Исени, еден од двајцата убиени во „Шиша бар“ во старата скопска чаршија, избегал од судење за убиство во Холандија. Како што објавија холандските медиуми, 28-годишникот бил осомничен дека пред две години бил вклучен во пукање во Берген ан Зе во кое бил убиен Колумбиец.

Во февруари 2021, Исени бил уапсен како еден од деветемина осомничени за убиството, па потоа пуштен под услов да не ја напушта земјата и да го предаде пасошот во холандски суд. Но, тој ги прекршил овие мерки и избегал во Македонија. Судењето за убиството на Колумбиецот почна вчера во Холандија.

Двојното убиство во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи на 6 март, кога маскирани лица ги убија Исени и Јетон Кривањева, испукувајќи 40-50 куршуми.

Шефот на Скопското обвинителство Гаврил Бубевски кажа дека станува збор за пресметка за позиции на нарко-пазарот.