Сè поголем е одливот на здравствени работници кои одат на работа во побогатите земји. Во Регистарот се евидентирани 179 лекари со активни лиценци кои дале податок дека работат во странство, ова го покажуваат податоците од Лекарската комора на Македонија.
Оттаму во телефонски разговор за ТВ 24 појаснуваат дека е тешко да се добијат точни бројки околу иселувањето на лекарите, бидејќи најчесто докторите не ја споделуваат оваа информација со Комората.
„Согласно своите надлежности Комората издава потврда (good standing certificate) на докторите дека се членови на Комората и дека против нив не се води постапка пред Судот на честа при Лекарската комора. Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти како и на оние кои заминуваат да живеат и работат надвор од нашата држава. Во 2020 година се издадени 122 потврди, 2021 година 187 потврди, а минатата година се издадени 174 потврди.” – велат од Лекарската комора.
Овие бројки само го потврдуваат фактот дека трендот на заминување на здравствениот кадар кој траеше за време на пандемијата, сега се засили. Дека здравството е на стаклени нозе сметаат и пациентите.
Што е она што ги брка младите лекари од Македонија ја прашавме и претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова-Дервишова.
Во штипската Клиничка болница за само два месеци од почетокот на годината си заминале 30 вработени. Во моментов, болницата работи со сто вработени помалку од предвидената бројка или тоа се сто испразнети работни места.
За разлика од штипската болница, ситуацијата во Здравствениот дом “Панче Караѓозов“ во Штип е подобра, но и таму недостига кадар. Директорката Снежана Трајковска за ТВ 24 вели дека во оваа здравствена институција недостигаат вкупно пет доктори, три медицински сестри, двајца шофери, но и технички персонал.
„Во Здравствениот дом во Штип има недостиг на кадар кои си заминуваат по основ на пензионирање, заминување во странство, но и одење на доктори на специјализација. Општо имаме недостиг на лекари, медицински сестри, возачи во Итната медицинска помош, лаборанти, хигиеничарки. Немаме распишано оглас, но очекуваме во најскоро време да добиеме согласност за вработување.” – вели Снежана Трајковска, директор на Здравствен дом Штип.
И додека состојбата на терен според самите лекари е алармантна, од Владата тврдат дека нема егзодус на лекари.
Инаку, оваа академска година, на студии по општа медицина на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се запишале 200 студенти, на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип 160, а на Државниот универзитет во Тетово, 120 студенти.