Доктор Симонида Црвенкова, поранешна директорка на Клиниката за онкологија и моментален лекар на Клиниката на Анкетната комисија во Собранието за скандалот Онкологија рече дека меѓу персоналот се зборувало за спорадични случаи на кражби, алудирајќи на кражбата на медицинската сестра А.О. обвинета за проневера во службата откако и била дадена втора шанса да изнесува цитостатици од Клиниката. Случајот пак со аптекарот Калтрин Уштеленца, обвинет дека примил поткуп за да и даде скапа биолошка терапија на пациентката Минка Веизовска, исто така стигнал до ушите на доктор Црвенкова, зашто пациентката била нејзина пациентка.

Слушнав зашто едниот случај за поткуп, е за моја пациентка. Но слушнав кога се обележаа парите и кога се фати човекот. Вториот случај беше за кражбата, тоа го слушнавме, кажаа сестрите. И тоа морам да кажам дека тие што го пријавуваа делото многу лошо поминуваа. Беа испрашувани им се закануваа дома, да не смеат да пријавуваат. Им се јавуваа од фамилија и после рекоа сестрите дека никогаш во иднина и да видат нешто, нема да пријават. И такви моменти има. И сите треба нас да не разберете таму. И да кажам нешто, може ќе звучи како филозофирање. Секоја информација што ќе се каже за Онкологија треба детално да се провери или е намерно или ненамерно пласирана дезинформација за да се остварат нечии интереси. Таму постојат големи бизнис интереси, рече доктор Црвенкова.

Пратеничката Рашела Мизархи побара од неа да образложи за притисоците врз персоналот што пријавувал кражби.

Лично ми кажаа сестрите што ја пријавија кражбата, дека неколку пати биле повикувани, биле сослушувани, многу било непријатно. И дека дома добивале јавување од фамилии. И ми рекоа дека веќе никогаш нема да поминат по тој пат и нема да пријават.

Андријана Филиповска, една од трите медицински сестри обучувани да работат на КАТО системот на Клиниката за онкологија (останатите десетина си заминале од клиниката изминатите години), на Анкетната комисија во Собранието за скандалот Онкологија пред пратениците изјави дека системот никогаш не профункционирал.

Бев назначена за одговорна сестра на КАТО системот. Кога се вратив од породилно отсуство бев разрешена од таа функција. Кога се вратив слушнав дека било наредено од директорот да престане да работи КАТО бидејќи имало проблем со вентилацијата. Во КАТО работевме на ист начин како сега. Спремањето лекови беше исто. Не е робот, не ги спрема тој лековите, сестрата ги спрема. Системот е комплексен. Беше направен по светски стандарди, работникот нема допир со цитостатиците, но немаше стерилна комора. Работевме со лекарски извештај закачен со магнет на дигесторот и по него спремавме. Вагите беа вклучени двапати. За да проработи треба подолго време, обука. Ни беа потребни најмалку 6 до 8 сестри кои мора да се променат на два часа, изјави Филиповска.

Таа додаде дека биле обучени 12 или 13 сестри од страна на лица од Белград ама обуката не била комплетна туку била појаснување како функционира системот.

Сега не е можно да профункционира со тој стар тим зашто останати сме само три сестри од 12 те, другите ја напуштија Клиниката. Немаме обучен персонал. Потребна е многу подолга обука. Работиме со лекови специфични за спремање и апликација. Се се учи ама треба подолг период. Сите ставаат акцент на КАТО, ама и да ни обезбедат средства и пероснал ќе треба подолг период за да профункционира, изјави сестрата од Онкологија Филиповска.

Според неа од КАТО системот има предности и недостатоци.

Придонесува за заштита на нашето здравје. Имаше предност што бевме заштитени, имаше поголема контрола на лековите, сите беа ставени на еден куп, но има и недостатоци со КАТО. Физиолошкиот раствор не може да биде обичен, требаше специјален, требаше и специјални конектори да се набават, да се спрема хемотерапијата, не може да се користи обична игла. Тие конектори се поскапи од обичните игли. Не е тоа недостаток, туку треба да се обезбеди поголем буџет за да може да профункционира овој КАТО систем, додаде Филиповска.

Според неа сите пациенти на кои им била препишана биолошка терапија, ја добиле ако ја имало на Клиниката во моментот.

Не се сомневам дека на некого му е препишана а не му е дадена. Само може да биле оставени на почекаат, во случај моментално да ја немало. Биолошката терапија може да се земе само со лекарски извештај од клиничката аптека. Ние ја немаме во нашите фрижидери и шкафови. Од аптека се зема. Ако ја има на клиниката, на пациентот ќе му биде дадена, додаде медицинската сестра.

Таа ги коментираше изјавите на пациентката Минка Веизовска дадени на суд, против аптекарот обвинет за земање поткуп Калтрин Уштеленца.

Ние слушнавме многу афери. Слушнав тврдења од пациенти дека не им е дадена терапија зашто во шишето нема пена. Прво, на нашата клиника има лекови што не смееме да ги раствараме со матење, се оставаат да отстојат одреден временски период и затоа не треба да има пена. Потоа чув, дека примала биолошка терапија ама немала несакани ефекти. Биолошката терапија има многу помали несакани ефекти од хемотерапијата. При биолошка терапија не им паѓа косата, имаат поблаги симптоми. Мислам дека нема афера, рече Филиповска.

Пратеникот Зоран Коцевски коментираше дека КАТО системот поставен во 2016 година, се до денеска 2023 година, никој не го поставува прашањето што е потребно за тој да проработи.

Никој не прашува што треба за тој да проработи, дали 100 милиони евра, дали 20 сестри, дали 10 сестри. Прашањето е многу едноставно, дали со КАТО се обезбедуа сигурност ваша и да не се случуваат повеќе афери?, праша Коцевски.

Сестрата коментираше дека таа одговара од сестрински аспект.

Ние не знаеме што работат директорите, правната служба, сметководството, немаме увид. Ја знаеме случката со колешката со крадењето цитостатици. Друга немаме докажана. Ние немаме доказ. Доказот ни беше со сестрата што ја фативме на камера. Затоа се изразив дека немало афера од наша страна. КАТО системот никогаш не профункционира, не пробавме како ќе изгледа да профункционира. Но и таму сестрата го спрема лекот исто како сега што го спрема. Дури и сега имаме поголема заштеда на лекови, појасни Филиповска.

На ова Коцевски и реплицираше дека сигурно земјава не е попаметна од Австријци и Французи што го користат КАТО системот во своите болници.