24 годишната родилка Викторија Крстеска од Битола, обвинува дека нејзиното бебе го убија егото, надменоста и непрофесионализмот на гинеколозите од Клиничката болница кои учествуваа во породувањето. Во потресна исповед на ФБ, младата жена чие бебе почина неколку часа по раѓањето, ги сподели со јавноста моментите од родилната сала во Гинеколошкото одделение минатата недела, каде наместо моменти на најголема среќа, доживеа агонија.
„ОВИЕ ДЕНОВИ ТРЕБАШЕ ДА ЈА ДОБИЈАМ НАЈГОЛЕМАТА ТИТУЛА ВО ЖИВОТОТ. МАЈКА. ПОРАДИ ПАРТИСКИТЕ “ПРЕПУКУВАЊА”, РИВАЛСТВО, ИНАЕТ МЕЃУ ДОКТОРИТЕ И НЕСПОСОБНОСТ, ЈАС ИЗГУБИВ НАЈМНОГУ. ГО ИЗГУБИВМЕ НАЈВРЕДНОТО НЕШТО ВО ЖИВОТОТ. НАШИОТ ЈОВАН. НАШЕТО НАЈМИЛО. ДО КОГА ПОРАДИ ВАС, ПАРТИСКИ ПИУНЧИЊА, ЌЕ СТРАДАМЕ?, ПРАШУВА ВИКТОРИЈА КРСТЕСКА.
Младата родилка обвинува за низа пропусти, a се жали и на третманот од лекарите. Таа потврдува дека од болница е вратена дома, но демантира дека бебето било извлечено со вакуум. Убедена дека е жртва на ривалство, затоа што ја примил еден лекар, а породувањето го извршија други гинеколози.
„ТОЧНО ДЕКА БЕВ ВРАТЕНА ОД БОЛНИЦА ДОМА И СÈ УШТЕ СИ ГО ПОСТАВУВАМ ПРАШАЊЕТО, ЗОШТО? СЕ ВРАТИВ ВО РАЦЕ НА ДРУГИ. ОТКАКО МИ ГО ПУКНАА ВОДЕЊАКОТ И „ИСКУСНИТЕ“ ВООЧИЛЕ ДЕКА ИМА МЕКОНИУМ, А ЦТГ УРЕДНО. ИМАШЕ ВРЕМЕ ЗА ЦАРСКИ РЕЗ И ДО УТРЕ МОЖАТ ДА МЕ УБЕДУВААТ ДЕКА НЕМАЛО, БИЛО ВО КАНАЛОТ…АКО БИЛО ВО КАНАЛ, МОЖЕВТЕ ВЕДНАШ ДА УПОТРЕБИТЕ ВИСТИНСКИ ВАКУУМ, ДА ГО ИЗВАДИТЕ И ДА МИ ГО СПАСИТЕ БЕБЕТО, А НЕ ДОДЕКА ПОСЛЕ ПУКАЊЕ НА ВОДЕЊАКОТ ВИКАВ, КРЕВАЈЌИ ЈА БОЛНИЦАТА ОД БОЛКИ И МОЛЕВ ЗА РЕЗ, УШТЕ ДВА ЧАСА… УДИРАЈЌИ МЕ ВО СТОМАКОТ, НА КОЈ ШТО УШТЕ ИМАМ ТРАГИ, НАСИЛНО МИ ГО ИЗВАДИВТЕ БЕБЕТО КОЕ НИКОГАШ НЕ УСПЕАВ ДА ГО ВИДАМ, ПИШУВА КРСТЕСКА.
По оваа трагедија, директорот на болницата Александар Обедниковски поднесе оставка од морални причини. Потоа следеше вонреден инспекциски надзор на ДЗСИ, а инспекторите утврдија недостатоци при третманот на родилката и најавија прекршочни и парична санкции за еден гинеколог, болницата и директорот. Но, Крстеска вели дека паричните казни се смешни и додава дека нема да се откаже додека лекарите не понесат одгворност.