На тековното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се изнесуваат докази кои го опишуваат објектот како крајно небезбеден простор, кој според обвинителството претставувал „темпирана бомба“.
Според изнесените наводи, објектот со години функционирал со сериозни пропусти во противпожарната заштита и без исполнети минимално-технички услови. Се наведува дека имало недостиг од соодветни излези за евакуација, недоволна противпожарна опрема и присуство на лесно запаливи материјали во внатрешноста.
При изведувањето на материјалните докази од увидот на лице место во опожарениот објект беше кажано дека бил пронајден изгорен ресивер за активирање на пиротехнички уред, како и црн ранец марка „најк џордан“ во кој се наоѓале пластично куферче со два ресивера за активирање на пиротехничките средства, батерија од девет волти марка „филипс“ и кеса со неискористено пиротехничко средство.
Во рамките на доказната постапка, пред Судот беше прикажан фотоалбум составен од 92 фотографии, кои детално ја прикажуваат затекнатата состојба на местото на настанот. На фотографиите направени при увидот, се гледа внатрешноста на опожарениот објект, поставеноста на бината, димензиите на вратите и решетките на малите прозорци од тоалетите.
Застапникот на Јавното обвинителство ги образложи наодите од увидот, посочувајќи на конкретни предмети пронајдени во објектот и на ограничувачките услови за движење и евакуација. Биле пронајдени и три празни противпожарни апарати.
Тој посочи дека растојанието од бината до плафонот изнесувало само 2,7 метри, додека спецификацијата на неоштетената пиротехничка фонтана предвидувала домет на прскање поголем од таа висина.
Објектот бил обложен со стиропор, первол, дрвени елементи и гипс-картон што придонеле за брзо ширење на пожарот. Исто така, беше кажано дека во објектот имало сунѓер набавен во 2012 година. Вештачењето покажало дека сунѓерот при согорување создавал „жешки капки“, чии траги биле пронајдени и врз облеката на жртвите, вклучително и на јакната на пејачот на групата ДНК, Андреја Ѓорѓиевски.
Обвинителот ги опиша ограничувачките и небезбедни услови кои го спречиле брзото напуштање на објектот, како странична врата без квака и со заклучена брава, метални алки и катанец во заклучена положба, и решетки на малите прозорци во тоалетите.
„Пожарот настанал како последица на употреба на пиротехнички средства од страна на групата ДНК“,рече застапникот на обвинението.
Изведувањето на овие материјални докази доаѓа по тензичниот вовед на денешното рочиште, на кое адвокатите на одбраната отворено го оспорија вештачењето на Институтот за судска медицина.
Пред почетокот на доказната постапка на Обвинителството, одбраната тврдеше дека дел од предложените докази се компромитирачки и побара нивно изземање. Барањата за вкрстено испитување на дополнителни вешти лица и ангажирање технички советници од страна на одбраната, беа одбиени од Судот како неосновани, додека Обвинителството ваквите реакции ги оцени како тактичка алатка за одолжување на судската постапка.
На рочиштето што се одржа во понеделникот, на прашања на Обвинителството одговараше директорот на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Александар Станков. Тој во детали ги појасни наодите од обдукцијата и токсиколошките анализи, врз основа на кои се утврдени причините за смрт кај жртвите во „Пулс“.
Обвинителството истакнува дека ваквите услови, во комбинација со голем број посетители и употреба на пиротехнички средства, создале висок ризик од катастрофа, кој на крај резултирал со трагичен пожар.
Во постапката се опфатени повеќе лица и правни субјекти, меѓу кои сопственици, управители и службени лица, кои се товарат дека со пропусти и недоволна контрола придонеле објектот да продолжи со работа и покрај безбедносните ризици.
Судскиот процес продолжува со изведување докази и сведочења, а јавноста внимателно го следи случајот кој се смета за една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата.





