Директори на две основни училишта во Кавадарци се степале во дискотека во центарот на градот.
Веста што ја пренесуваат повеќе медиуми првично се рашири на социјалните мрежи каде што беше споделено и видео од тепачката.
Дел од родителите во групата „Реално Кавадарци“ на Фејсбук бараат да се преземе одговорност.
Тепачка во угостителскиот објект во Кавадарци е регистрирана и во полицијата од каде што велат дека двете лица биле приведени бидејќи го нарушиле јавниот ред и мир и агресивно се однесувале кон обезбедување. Најавуваат дека ќе поднесат пријави.
„Денеска, (10.6.2023) во 1:15 часот, полициски службеници од Полициската станица Кавадарци ги привеле С.П. (54) и Ѓ.Ѓ. (39), двајцата од Кавадарци, затоа што пред угостителски објект во Кавадарци го нарушиле јавниот ред и мир и агресивно се однесувале кон лица од обезбедувањето. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок“,
велат од МВР.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, пак, за „Фокус“ вели дека по информациите добиени од МВР во врска со настанот, в понеделник ќе преземе чекори, односно директорите на училиштата ќе бидат разрешени од функција.
„Нема толеранција ниту, пак, оправдување за однесувањето на двете лица, оправдани се сите реакции на граѓаните кои бараат нивно разрешување од функција. Тоа ќе се случи в понеделник“,
вели Јанчев за „Фокус“.
Видеото од тепачката што се појави на социјалните мрежи сега е отстрането, а достапни се само принтскрин-фотографии од снимката.