Димитријевиќ од секаде ги полнеше Литванците, па се повреди по што следуваше – потоп

Date:

Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе третиот пораз во четвртиот меч од квалификациите за ЕП 2025, откако вечерва убедливо загуби на гостувањето кај Литванија (72-94).

Крајниот резултат апсолутно не е реален, бидејќи жолто-црвените беа во водство цело прво полувреме, а и во второто долго време беа во игра за победа, барем се до кобната за нас 34. минута. Тогаш се повреди феноменалниот Ненад Димитријевиќ по еден доскок по противничкиот кош, а за сериозноста на неговиот проблем доказ е фактот што паркетот го напушти во раце на нашите двајца физиотерапевти. Тоа беше знак за домаќинот да уфрли во петта брзина и да го реши натпреварот, со предност која воопшто не го прикажува реалниот однос на силите.

Популарниот Нено одигра НБА-партија, најдобра во неговата репрезентативна кариера со оглед што постигна 43 поен за 29 минути поминати на паркетот, заедно со четири скока и шест асистенции. За жал, немаше среќа да го доврши историскиот настап во кој речиси сигурно ќе го достигнеше рекордот на Петар Наумоски по бројот поени во националниот тим, кој изнесува 49 поставен во дуелот против Полска (76-72) одигран пред речиси точно 27 години во СРЦ „Кале“. Останатите немаа сила без Нено да им парираат на Литванците, па на крајот мораа да им подадат рака.

Димитријевиќ беше единствен со двоцифрен поентерски ефект во нашиот тим, разбирливо со оглед на тоа што упати дури 30 шута, речиси колку сите останати соиграчи – заедно. Зад него беа Бојан Крстевски, Бобан Стајиќ и Андреј Маслинко со по шест поени. Литванците, пак, играа колективно и имаа четворица со двоцифрен ефект, меѓу кои најпрецизен беше Гитис Раџевициус со 18 поени и 11 скока.

Македонија сега има скор 1-3 во квалификациската група „Х“, колку што има и Полска која игра надвор од конкуренција како еден од домаќините на ЕП, додека Естонија и Литванија имаат учинок 3-1. И покрај ова, жолто-црвените се уште имаат шанси за пласман на континенталниот собир, за што ќе ни требаат две победи следниот февруари и тоа против Полска (дома) и на гости кај Естонија и тоа со најмалку шест поени разлика. Згора на ова, Естонците би морале да загубат и во пресметката со Литванија на теренот на противникот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

Сподели:

Потпишете се

spot_imgspot_img

Топ вести

Поврзани
Related

Пржено свинско со ориз и зеленчук

Овој рецепт содржи моркови, кои се богати со витамини...

Трамп му понуди на Мерц да купи двојно повеќе ракетни системи „патриот“

Американскиот претседател Доналд Трамп му понудил на германскиот канцелар...

Православната Црква во Америка ја призна автокефалноста на Македонската Православна Црква

Одлука дека ја признава каноничноста на Македонската Православна Црква...

Алармантни податоци: 53% од девојчињата и 19% од момчињата на возраст на 15 години имаат депресивно расположение

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА алармира...