Опрема во вредност од 145,2 милиони денари (околу 2,3 милиони евра), набавена во претходните години, не била евидентирана во деловните книги и билансот на состојба на Бирото за метрологија, утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот Извештај за работата на Бирото за 2024 година објавен денеска. Во Извештајот уште се наведува дека лабораторија вредна над 37 милиони денари во 2024 година не направила ниту една анализа на квалитетот на нафтата и нафтените деривати. За работењето на Бирото, ревизорите изразиле неповолно мислење и за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законите, упатствата и воспоставените политики.
Според наодите на ДЗР, во 2024 година биле набавени пломби, жигови, жиг-налепници за верификација и записници во вкупна вредност од 4,266 милиони денари. За нив, според ревизијата, не била воспоставена сметководствена и материјална евиденција, иако тие се користат во услугите на Бирото и претставуваат основа за остварување приходи.
Слабости се утврдени и во евидентирањето и наплатата со побарувањата по основ
на извршени услуги. Во билансната состојба на 31.12.2024 година Бирото имало побарувања побарувањата од 40.549 илјади денари, при што кај дел од
комитентите се утврдени побарувачки, односно негативни салда во износ од 11.735
илјади денари, поради што побарувањата не се реално прикажани во финансиските
извештаи.
Ревизијата открила и значително доцнење во евидентирањето на побарувањата по издадени фактури за услуги за хомологација.
„Исто така, ревизијата утврди дека побарувањата по основ на издадени фактури за
услуги за хомологација не се евидентираат навремено, поради што во текот на 2024
година се евидентирани побарувања во вкупен износ од 14.193 илјади денари, (од кои
10.034 илјади денари се однесуваат на сметката 631-18, а 4.159 илјади денари на
сметката 631-13), од кои 2.322 илјади денари се по фактури издадени во 2023 година,
а во 2025 година се евидентирани побарувања во износ од 1.477 илјади денари по
фактури издадени во 2024 година“, се наведува во Извештајот на ДЗР.
Во текот на 2024 година биле евидентирани побарувања во вкупен износ од 14,193 милиони денари, од кои 2,322 милиони денари се однесувале на фактури издадени уште во 2023 година. Во 2025 година дополнително биле евидентирани 1,477 милиони денари побарувања по фактури издадени во 2024 година.
„Дополнително, од вкупно фактурираните услуги за верификација во 2024 година во
износ од 182.966 илјади денари, износ од 82.092 илјади денари, односно околу 1.3
милиони евра се однесува на услуги по барања поднесени во периодот од 2018 до
2023 година, што укажува на значително доцнење во процесот на фактурирање“, наведуваат ревизорите.
Ревизиорите укажаат и на неефикасно користење на опремата набавена за испитување на квалитетот на течните горива.
Според Извештајот, Бирото во 2019 година, по одлука на Владата, набавило мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на нафта и нафтени деривати во износ од 37.367 илјади денари, а во 2021 година дополнително е набавена опрема во износ од 24.758 илјади денари. И покрај значајната вредност на вложените средства, велат ревизорите, во текот на 2024 година преку мобилната лабораторија не се вршени анализи, бидејќи не биле доставени барања од надлежниот Државен пазарен инспекторат со кој Бирото има склучено договор за користење на лабораторијата.
„Со ревизијата е утврдено дека Бирото нема воспоставено евиденција за издадени
одобренија за тип на производ и за согласности за регистрација кои се издадени од
страна на техничката служба и правното лице за технички преглед овластено за
постапката за идентификација и/или идентификација и оцена на техничката
состојба на возилото, надлежност која произлегува од Законот за возила од
причина што од страна на МВР не е воспоставен регистар на возила за внес и
размена на податоци меѓу надлежните институции“, пишува во Извештајот на ДЗР.
Во делот на останати прашања утврдени се слабости во следењето и контролата на
приходите кои Бирото ги остварува од услуги за верификација на мерила што ги
вршат овластени правни лица.
„Иако овластените правни лица имаат обврска на Бирото да му уплатат 20 отсто од вредноста на извршените услуги, не се воспоставени јасни правила за начинот на известување, контролата на извршените услуги и роковите за уплата на средствата. Утврдено е дека известувањето до Бирото се врши квартално, а уплатите на средствата се реализираат со задоцнување од шест до девет месеци по истекот на кварталот во кој се извршени услугите, што создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата на приходите“, утврдиле ревизорите.
Поради ова, ревизорите дале повеќе препораки чие имплементирање би обезбедило надминување на причините за утврдените состојби.





