Поранешниот британски фудбалер Дејвид Бекам (48) го тужи американскиот актер Марк Волберг (52). Причината е што Бекам го промовираше фитнес брендот на актерот, но тој договор пропадна. Поради ова, Бекам изгуби повеќе од 8 милиони фунти, пишува „Дејли мејл“.
Поранешниот фудбалер ги тужи Волберг и неговите деловни соработници затоа што партнерството со „Ф45“ пропаднало поради акциите кои му биле ветени. Во рамки на „Ф45“, познатата фитнес франшиза, фудбалерот промовираше сопствен персонализиран тренинг.
Инаку, овој случај е активен веќе неколку години. Во октомври 2022 година, Бекам и играчот на голф Грег Норман поднесоа тужба против „Ф54“, но судијата им посочи дека мора да поднесат засебни тужби.
Компанијата „Дејвид Бекам венчерс“ претходно бараше отштета во износ од 15,2 милиони фунти од „Ф54“, а во новата тужба фудбалерот бара обештетување директно од компанијата на Волберг – „Марк Волберг инвестмент груп“ и отштета од основачите на „Ф54“, Адам Гилкрист и Роб Дојч.
Во 2020 година, Бекам се согласи да биде амбасадор на „Ф54“ и го промовираше овој бренд на социјалните мрежи. Во меѓувреме, тој ги избриша сите објави. Според компанијата на Бекам, му било ветено дека акциите на компанијата ќе почнат да се распределуваат на почетокот на 2022 година, но тие биле дистрибуирани неколку месеци подоцна. Потоа акцијата падна од околу 12 долари на 3 долари по акција. Тоа го чинеше повеќе од 8,5 милиони фунти.
Како што пренесуваат странските медиуми, Волберг, Гилкрист и Дојч планираат да ги отфрлат сите обвинувања бидејќи, како што тврдат, се неосновани и неоправдани.