ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН

МАКЕДОНСКИОТ ДУХОВЕН ПАСТИР Г. КИРИЛ

Ви зборувам вистина во името на Христа,

не лажам – тоа го сведочи мојата совест

преку Светиот Дух, дека ми е многу жал

и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал

јас да бидам одвоен од Христа

за браќата свои, моите сродници по плот.

(Послание до Римјаните 9, 1-3)

Секој народ има свои истакнати пастири, свои духовни водачи, луѓе врз чии дела и зборови се темели неговиот опстој, неговата историја, идентитет и култура. Во зборовите и делата на тие луѓе, народот ја наоѓа својата духовна сила, која му помага да истрае во тешките животни моменти, со кои секој етникум се соочува при својот историски развој. 

Основната духовна мисија на таквите народни водачи е да бидат вечни чувари на сопствениот народ, а нивниот глас го препознаваме веднаш, зашто тој постојано нé повикува на нашето единство, ги посочува нашите заеднички корени, зборува за стабилноста на нашата братска заедница и за сите други работи кои се витални за егзистенцијата на една нација. 

Таквите пастири, во секој момент од својот живот, во секој момент од своето дејствување ги води една света мисла, никогаш да не престанат да го заштитуваат својот народ, никогаш да не престанат да бидат последната линија на одбраната на неговиот идентитет и национална самобитност.

Ние, православните христијани, во своето сеќавање посебно ги запазуваме и славиме личностите кои на одреден начин ја „спровеле” во дело Божјата промисла. Таквите луѓе ги нарекуваме свои учители и нивниот пример се обидуваме постојано да го оствариме и примениме во своите животи. Некои од нив се удостоиле Божјата милост и Неговата света промисла да ги определи да бидат првенци и херои во својата непосредна средина, токму меѓу својот сопствен народ. 

Таквите луѓе се објект на воодушевување и анализа за целото народно потомство и за сите идни генерации. Понекогаш, врз тие луѓе, односно врз нивните животи, се базираат сите битни и значајни настани од одреден историски период на целиот народ, а некои, пак, се директни „виновници” за цивилизациското и културното напредување на цело едно општество.

Македонскиот народ отсекогаш, во сите моменти на својот еволутивен пат, имал среќа да ги има таквите луѓе во своето јадро. Во секое време од својата страдалничка и токму заради тоа и свештена историја, имал бројни патријарси, кои со својата величина и самопрегорна работа силно влијаеле на културното и цивилизациското издигнување и напредување на Македонецот. 

Дел од промоцијата

За среќа, македонскиот човек е силно втемелен врз Христовата база и основа, која во себе ги содржи добрината, правдата и убавината. Националната историја на македонскиот народ во исто време е и свештена и црковна историја на Македонската Православна Црква, од едноставна причина што токму Црквата на просторите на нашата татковина ги дала личностите кои го описмениле, просветиле и умудриле македонскиот човек. Црквата ги родила личностите кои ја создале самосвојната македонска литература и уметност, оригиналната македонска култура и наука, потоа македонското чувство за државност и политичко дејствување итн.

Еден од тие многу наши пастири, духовни татковци, кои со својата појава и дејствување во одредени моменти од нашата историја биле двигатели на мислата за слободна Македонија и обединет македонски народ секако е и Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Можеме да искажеме многу епитети и многу убави зборови за да ја објасниме величината на овој човек, но најголемиот, највеличенствениот и најсоодветниот збор за големината на неговата личност и дело е едноставно зборот – пастир. 

Овој збор, најповеќе од сите нé води до вистинското определување на неговата личност. Неговото Високопреосвештенство, г. Кирил, носејќи ја во своето срце Божјата благодат и сведочејќи го во секоја прилика вечното слово Божјо, е нашиот пастир, нашиот најценет духовник, кој до ден денешен, не престанал да нé повикува да се препознаеме како браќа, да се поздравиме како ближни, да го зачуваме единството меѓу нас, да си помогнеме во тешки моменти и сите заедно да го кренеме својот глас за македонската вистина, кога нашата македонска заедница ќе ја надвиснат било какви непријателски пропаганди и притисоци. 

Она што посебно го одликува дедо Кирил, уште од млади години, е неверојатната верност и преданост на македонската кауза, која пред сé се состои во зачувување на националната свест на Македонецот, а потоа и во негово издигнување и промовирање на духовен и религиозен план. 

Ретко може да се сретне таков човек кој ќе држи исто темпо на своите уверувања, но се разбира ќе биде и постојан во напорот и желбата за практично дејствување и спроведување на зацртаниот план. За него зборовите „мајка – црква” не значат само една обична флоскула, која се користи за обични и секојдневни потреби. Повикот на мајката – Црква за влегување во нејзиниот клир за дедо Кирил значи целосно, беспоговорно и безрезервно служење и предаденост. 

За владиката Кирил ништо не е побитно од овој повик, ниту своите лични амбиции, ниту личните желби, ниту своето образование. Сето ова со еден збор ќе биде ставено во втор план за да се оствари во некое подобро време, тогаш кога од него било побарано да се врати од туѓина и да се зафати со работа на Божјата нива во љубената Македонија. Дедо Кирил тогаш сериозно ќе ја сфати поставената задача, македонскиот народ треба да се организира и духовно да се раководи, а во исто време да се гради и возобновува Македонската Православна Црква и славната Охридска архиепископија.

Чест, слава и благодарност на сите оние синови и ќерки кои кога требало, не зажалија да го подарат животот за слободата на татковината и кои умееја еднаш херојски да умрат, за потоа да живеат со ореол на вечна слава во срцата на сите идни македонски рожби и поколенија” – ќе рече во една прилика Митрополитот Полошки-кумановски г. Кирил, Владиката Кирил се карактеризира како човек со истенчено национално чувство за делото на оние наши предци, на хероите, на творците кои оставиле бескрајни и епохални добра за својот народ и својата татковина. „Тие никогаш не умираат, туку заедно со своите дела вечно живеат, да го следиме нивниот саможртвен пример и да се инспирираме од нивната неизмерна љубов и искрена преданост кон својата татковина Македонија” – повикува г. Кирил.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН