ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Кога се вратил од царството на Хад без Евридика, Орфеј го презрел Дионис и сите богови, ја одбивал љубовта на жените и го понижувал женскиот род, заради што Зевс го убил со молња, или го убиле тракиските жени. Целата природа го оплакувала Орфеј. Душата на поетот се симнала во царството Хад и таму ја сретнал сенката на Евридика, со љубов ја прегрнал и оттогаш тие не се разделувале.
Овој мит за Орфеј најверојатно настанал во раниот VI век п.н.е. во врска со доктрината на една орфејска секта. Следбениците на оваа секта верувале во божјата природа на човечката душа и првобитниот грев. Ги употребувале орфејските мистерии, биле вегетаријанци и носеле бели одела. Сочувани се околу 87 орфејски химни.
Сцени од митот за Орфеј често биле претставувани на вазните и амфорите од античкиот и подоцнешниот период, како и на голем број мозаици, дури и на христијанската иконографија, каде Орфеј бил сфатен како персонификација на Христос (Среовиќ и срд. 1992, 312).
Аполодор Рх. во „Аргонаутика” (I, 23 и понатаму) опишува дека по совет на мудриот кентаур Хирон, кој живеел во пештера на тесалиската планина Пелион, Јасон го повикал Орфеј да им се придружи на Аргонаутите. Со својата песна и музика Орфеј им давал такт на веслачите и ги развеселувал јунаците на сите свечености во текот на нивниот долг пат.
Со помош на Орфеј, Аргонаутите пребродиле многу тешкотии, им побегнале на сирените, е со својата песна и свирка ги смирувал страшните бури, па дури и змејот кој го чувал златното руно. Од наведените митолошки истражувања може да се заклучи дека македонскиот крал Орфеј бил современик и учесник во експедицијата на Аргонаутите, која според хронологијата на Ератостен се одиграла во 1225 година п.н.е., а Орфеј истотака бил и современик на легендарниот Херакле.
Понатаму Орфеј бил правнук на Македон, од Зевсовата македонска династија, т.е. бил домородец. Ако се прифати мислењето на Херодот (I, 7, 33) дека „… границата на човечкиот живот е 70 години и дека власта од таткото на синот, временски трае околу 23 години…”, произлегува дека Македон владеел околу деведесет години порано, т.е. околу 1315 години п.н.е. и бил современик на кралот на Теба, Кадма. Потоа, дека Орфеј владеел пред микенскиот крал Агамемнон (околу 1200 години п.н.е.), додека Македон пред атинскиот крал Тезеј, најголемиот атински херој (околу 1235 години п.н.е. според Плутарх). Сенц (1910, 675) го лоцира кралот Орфеј во 1250 години п.н.е.
Братот на Орфеј Лин е прочуен македонски митолошки пејач, поет и писател. Во музиката Лин стекнал поголема слава од своите претходници и современици. Неговите песни се пееле насекаде по Балканот и Егејот, посебно во селата за време на бербата на грозјето, за што Хомер во „Илијада” (XVIII, 570) пее „… дека момчето… песната Линова мила, ја пеел со нежен глас…”. Лин ја измислил лирата со три жици од лен (како неговото име од зборот ленен, направен од лен).
Жиците подоцна ги заменил со јагнешки црева. Тој ги измислил и тажаленките. Неговите народни песни именувани како „линос”, биле изведувани исто така при рано умрените момчиња, при летните жештини, големите зими итн. Во Египет Линовите песни биле многу популарни и изведувани како тажаленки под името „манерос”, во слава на синот на првиот египетски крал и бог Себа, „наследен поглавар” на боговите и „татко на боговите”, кој бил оплакуван зашто умрел рано.
Лин и Орфеј се творци на китародиите (пеења со гитара). За списите на Лин, Диодор Сиц.(Библ. III, 67) изнесува: „Пишувајќи со пелашки букви, Лин оставил приказни за делата на првиот Дионис како и други приказни. Исто така, со тие пелашки букви се служеле Орфеј и Пронапид, учител на Хомер”. Лин го учел Херакле, најголемиот грчки јунак, да чита, пишува и свири.
Другиот син на Еагар и брат на Орфеј бил Марсија. Живеел во Голема Фригија покрај главниот град Келена, во една долина со голем извор. Тука за време на Македонското кралство на Антиох I, генерал на Александар, го изградил градот Апамеја во чест на мајка си.
Марсија бил скромен, чесен, разумен, силен, а неговата шупелка го восхитувала секого кој ќе ја чуел. Бил воодушевен од божицата Кибела, која била фригијско божество и била почитувана во Мала Азија и во Егеј, како мајка на боговите и целата природа. Нејзиниот култ бил со блудничав карактер. Фригијците биле староседелци на Балканот, соседи на Македонците и живееле на просторите на Преспанското и Охридското Езеро, со главен град Кидрај.
Според Диодор Сиц (III, 58 и понатаму), Марсија тргнал во светот со Кибела и во Ниса се сретнал со Аполон, најславниот свирач на лира и решиле да се натпреваруваат. Договорено е победникот да го казни победениот по свое мислење. За судии ги избрале жителите на Ниса, а меѓу нив бил и кралот Мид. Во натпреварот Марсија бил подобар, но богот Аполон се послужил со лукавост, па судиите него го прогласиле за победник. Тогаш Аполон сурово и садистички го казнил Марсија на тој начин што го одрал, а одраната кожа ја обесил на плоштадот во Келена. Херодот (VII, 26) за тоа пишува: „… на тој плоштад сè уште виси кожата на Марсија, кој, според фригијската приказна, од него ја одрал Аполон и ја обесил тука”.
Страдањата и смртта на Марсија ја оплакувале боговите, луѓето, сатирите, нимфите и природата. Како спомен на несреќниот, неправедно казнетиот уметник, изворот и рекичката покрај Келена, наречени се според Марсија.
Постои една друга легенда дека богот Аполон, по победата, му го поштедил животот на противникот и дека Марсија како казна добил свинска опашка. Во античката уметност, Марсија бил чест мотив, посебно на скулпторите. Ќерките на кралот Пиер, Пиериди, го добиле прекарот според областа Пиерија во Македонија каде се и родени, или по името на татко им (Хесоид, Тх. 52 и понатаму). По едно друго предание , Пеонката Евипа (убав, витешки коњ), му родила на Пиер девет ќерки кои добиле исти имиња како деветте музи, ќерки на Зевс: Полихимнија, Клиа, Мелпомена, Талија, Уранија, Ерато, Терпсихора, Еутерпа и Калиопа. Музите, како и Пиеридите, се родени недалеку од врвот на Олимп и имале убави палати каде ја опејувале славата на татко им и останатите богови. (Хесоид Тх. 54).
Меѓутоа, додека песната на музите била милозвучна и целата природа уживала, Пиеридите биле дрдорливи и имале крекливи гласови. Заради тоа, во митологијата тие се претворени во девет птици со крекливи гласови, како штиглица, гулаб и слично. Една приказна тврди дека Пиеридите биле мајки на славни пејачи. Во александриско време, имињата на Пиеридите, односно на деветте музи, биле земени во поделбата на творбата на Херодот, „Хисториес аподексис”, во девет книги.
Леонт бил син на Орфеј, а во митологијата се појавил како епонимен херој на античката вила Леонтида, позната од античкиот период на Атина и Сиракуза на Сицилија. Негови деца биле: Килант, Пракситеја, Теопа и Еубула. Леонт е современик и добар пријател на атинскиот крал Тезеј. Во време кога во Атика владеел глад, по совет на пророштвата во Делфе, Леонт ги жртвувал своите ќерки за спас на својот народ, па оттаму и неговото име народ, па и верник.
Во чест на тоа, благодарните атињани во Керамеика му подигнале светилиште наречено Леокорион (ќерките на Леонт). Легендата исто така вели дека Леонт му ги открил на Лезеј, најголемиот атички херој, плановите на педесетте синови на Палант, кои се надевале дека по смртта на својот чичко Егеј, ќе го наследат неговиот престол и ќе завладеат со Атина и Атика. За да го уништат Тезеј, заговорниците се поделиле на две групи. Тезеј најпрво ја нападнал првата група Палантиди и ги растерал, а потоа го совладал Палант и неговите луѓе кои почнале да бегаат.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН