„Академијата Донда“ е тужена од две поранешни учителки, кои тврдат дека биле отпуштени од работа бидејќи изнеле низа наводи за тоа што навистина се случувало во училиштето.

Раперот Канје Вест, кој ја основа „Донда академија“ во Калифорнија во 2021 година, сега наводно се соочува со барање за исплата на отштета од 1 милион долари на учителките Сесилија Хејли и Чекири Бајерс.

Сесилија и нејзината ќерка Чекири тврдат дека биле дискриминирани врз основа на својата раса, дека незаконски им биле укинати плати и дека добиле отказ во март 2023 година како одмазда дека пријавиле прекршување на кодексот.

„Исклучително сум тажна поради сето ова. Беше огромна чест и привилегија да работам во ‘Академијата Донда’ за Канје Вест“, наведува таа во изјавата. „Јас сум голем фан на Канје. Неговиот прв албум беше прв што некогаш сум го купила“, рече Бајерс во изјавата.

„Сè уште уживам во неговата музика и никогаш нема да го негирам неговиот талент, но иако неговата визија за училиштето звучи одлично на хартија, тоа е само чист хаос и бунт. Тоа е како ментална болница што ја водат пациентите“.

Во правните документи до кои дојде „Пејџ сикс“, Сесилија и Чекири велат дека тие биле единствените афроамерикански учителки вработени во „Донда“ и дека ги тужат академијата и нејзините директори заедно со Канје.

„Дејли мејл ком“ пренесува дека тужителите бараат отштета од над 1 милион долари.

Нивната тужба ги именува директорите на училиштето, Брајан Кембел, Алисон Тидвел и Крис Џулијан, а Чекири го означи училиштето „како ментална болница што ја водат пациентите“.

Во документите се наведува дека учениците добивале само еден оброк дневно – суши – и им било забрането да внесуваат храна од надвор или што било друго, освен вода за пиење.

Сесилија и Чекири тужат за неисплатените плати, загуба на заработка и други бенефиции при вработување, а Канје – кој минатата година беше вмешан во глобален скандал поради неговите антисемитски испади – сè уште јавно не одговорил на нивните наводи.