Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ на Трескавец до крајот на октомври треба да биде заштитена од влагата, најголемата опасност да се уништи непроценливото културно богатство кое е на листата на светски загрозените. Паралелно започнува и проектот за санација и реставрација на фрескоживописот и на целата градба на осумвековната црква.

Министерството за култура за овие проекти на прилепскиот Завод и музеј му даде 8,2 милиона денари.

Горан Цветкоски, директор на прилепскиот „Завод и музеј“ објаснува дека хидрогеолошките истражувања и реализацијата на проектот се клучни за заштита на Црквата на Трескавец, зашто влагата од која најмногу се оштетени источниот и северниот ѕид е алармантна и достигнува 60, па и до 80 проценти.

– Моментално работиме на проектот за хидрогеолошките истражувања, клучен и значаен за Црквата. Во постојан контакт сме со фирмата која ќе го изработува проектот и ќе го реализира. Чекаме да го доставиме проектот до Министерството и до Управата за заштита на културното наследство, така што за брзо може да почнеме со реализација. Затоа, може да се пофалиме дека ќе почнеме со реализација на хидрогеолошките истражувања во манастирскиот комплекс кои за мене се основа за да продолжиме понатаму. Хидрогеолошките истражувања се значајни за состојбата на влагата поради водата која навлегува во Црквата со која се оштетени ѕидовите. Најмногу се оштетени источниот и северниот ѕид од водата која навлегувала од врвот Златоврв. Со самата интервенција, со работата на хидрогеолошките истражувања ќе завршиме голема работа и ќе ја олесниме работата на реставрацијата и заштитата и на фрескоживописот во Црквата, но и на трпезаријата кои се засегнати. Влагата достигнува од 60, па до преку 80 насто и се надевам дека полека ќе ја отстраниме, објаснува Цветкоски.

За заштита ќе се копа длабок канал за дренажа на водите. Хидрогеолошките истражувања и реализацијата имаат рок до крајот на октомври. Сето зависи од временската состојба.

– Гаранцијата ја имаме дека со изведбата на таков дренажен канал кој би бил со голема длабочина, од 3 до 4 метри, би ги насочиле водите кои слегуваат од Златоврв да излезат по страните на Манастирот, да може да ги изведеме на јужната страна и да излезат од манастирскиот комплекс за да не прават повеќе проблеми. Изведувачот се заложува да го заштити дренажниот канал кој ќе биде во комбинирана форма, отворен и затворен дел. Се надевам дека ќе биде како што треба, во предвидениот рок ќе ја завршиме работата. Крајно време е зашто се доцни со тоа, вели Цветкоски.

Проектот за реставрација и реконструкција на Црквата е во завршна фаза и треба да биде готов до септември. Добиена е тендерската документација. Го работи стручен тим составен од претставници од ИЗИС, од градежниот факултет од Скопје, од прилепскиот Завод и музеј, а како консултант е професорот од Грција Препис.

– Стручниот тим деновиве беше на самото место, ги констатира проблемите и се надевам дека до крајот на август и почетокот на септември ќе биде готов проектот за санација и реконструкција на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ на Трескавец. Работите на овој проект ќе течат наредната година, смета директорот на прилепскиот „Завод и музеј“, Горан Цветкоски.По десет години од последниот пожар што ги пеплоса конаците на Трескавец, тие се речиси четири години целосно обновени но не може да се стават во функција зашто не е направен технички прием. Приемот го кочи неизградената пречистителна станица за што со години има проект и одвоени средства. Најавите на локалните власти е дека годинава ќе се гради.