Вардар во вториот дуел од третото коло во ПМФЛ ја дочека Брера Струмица во Скопје, а мечот понуди возбудувања и многу погодоци, за конечни 2-2 (1-2). Тимот на Седлоски важеше за голем фаворит, но имаше мака да дојде до полн плен со ривалот кој го освои првиот бод во новата сезона во мак-фудбалот.
Дуелот почна со голем притисок на Вардар пред голот на Брера, но гостинот од Струмица беше тој што поведе прв. Течеше 15-тата минута, кога стоперот Фаустин Сегнор се лизна, а тоа го искористи Ндзенге од Брера, кој со лоб го совлада Давор Талески за 0-1.
Сепак, радоста траеше кратко, затоа што на спротивната страна возврати Роџерс Мато и со ефектен гол и силен шут со помош на пречката изедначи на 1-1 во 19. минута. Потоа Вардар пак се активира, почна да игра фудбал, но пак прими гол.
И повторно проблем беше дефанзивата, затоа што Зоран Ивановски претрча скоро цел терен и во 40-тата минута ја врати предноста за струмичани. Тоа беше резултатот на паузата.
На стартот на вториот дел, Седлоски направи три измени. Играта ја освежија Спахиу, Талевски и Кастанеда и се беше фрлено на една карта, тоа е напад. Сепак, Брера имаше можност за 1-3, но ја погоди пречката. Од 60-тата минута па натаму, Вардар притискаше, а Брера доби шест жолти картони.
Сепак, во 88. минута, со несекојдневен гол, Мато израмни на 2-2. Имаше девет минути судиско надополнување, во кои домаќинот повторно беше поактивен, создаде неколку полушанси, но фалеше реализација.





