Двата распродадени концерти што американскиот рапер Канје Вест требаше да ги одржи во Санкт Петербург официјално се откажани по неколку недели конфузија и јавен притисок, потврдија организаторите, пишуваат странските медиуми.
Раперот требаше да настапи на 10 и 11 октомври во „Газпром арена“. Сепак, московската агенција „Сеј“ објави на „Телеграм“ дека концертите нема да се одржат според закажаното.
– Пријатели, со искрено жалење ве известуваме дека концертите не можат да се одржат. Во блиска иднина ќе ве контактираме со официјална изјава во врска со статусот на проектот и идните планови – изјавиле организаторите.
Тие објаснија дека процесот на враќање на купените карти ќе започне во понеделник, 12 октомври.
Статусот на концертите беше под знак прашалник со недели. Иако картите беа распродадени во рекордно време, раководството на „Газпром арена“ одеднаш објави во август дека договорот за закуп на стадионот со промотерите воопшто не е потпишан и дека добиле бројни поплаки од граѓани.
Покрај организациските проблеми, откажувањето беше одлучено и од острите реакции на руските функционери. Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, ги нарече планираните концерти неприфатливи поради претходната глорификација на Адолф Хитлер од страна на раперот.
Во исто време, рускиот политичар Николај Новичков побара истрага против музичарот, велејќи дека концертите треба да бидат забранети освен ако Канје јавно не даде „морална поддршка на Русија и на специјалната воена операција“.
Вест предизвика глобален скандал откако продаде маички со свастики и ја објави песната „Хајл Хитлер“. Подоцна се извини на јавноста тврдејќи дека неговото однесување е резултат на тешка манична епизода предизвикана од биполарно растројство.
Русија не е единствената земја каде што Канје се соочи со блокади. Овие откажани концерти доаѓаат откако неговите концерти во Велика Британија и Франција беа откажани поради проблеми со визите и јавен притисок, додека во јули градскиот префект во Реџо Емилија, Италија, го прекина неговиот концерт на барање на локалната еврејска заедница.
И покрај бројните контроверзии, Вест продолжува да настапува во поддршка на својот 12-ти соло албум „Bully“, објавен во март. Пред откажувањето во Русија, тој одржа големи концерти во САД, Турција, Холандија, Грузија, Албанија, Португалија и Казахстан.





