Се огласи поранешниот премиер, а сега азилат во Унгарија, Никола Груевски, околу новите даночни стапки кај данокот на додадена вредност.

Македонија беше земја со високи даноци. Потоа станавме држава со најниски даноци на планетата. Искрено, и самиот бев изненаден кога во глобалниот извештај за конкурентност (Global competitiveness report, 2014/2015) Македонија беше прогласена за земја со најниска вкупна даночна стапка на светот, пред Катар и Обединетите Арапски Емирати, бидејќи мислев дека заради приходите од нафтата и гасот тие скоро да немаат даноци, но имале, а имале и скриени даноци. 

Светската банка не прогласи за десетта најпогодна земја на светот и петта во Европа за лесно правење бизнис (Workd bank, Doing Business report, 2016). Станавме и лидер во Европа според бројот на новоотворени работни места по жител од странски инвестиции (Ernst &Young 2015г) и прворангирана во светот според бројот на создадени или новоотворени работни места по жител (на милион жители) од странски директни инвестиции (IBM Business Institute, 2016 ), одкако претходно неколку години светската банка ја вбројуваше Македонија во десет топ реформатори на светот (World Bank, Doing business report, 2008, 2012 и 2014). Насекаде низ светот ни честитаа за тоа што станавме земја со најниска вкупна даночна стапка и не прашуваа: “како успеавте”?

Некои држави до некаде не копираа. Честитаа и ММФ кои кога ги смалувавме даноците не предупредуваа дека со зацртаните политики на толку многу намалени даноци постои ризик буџетот да колабира и земјата да банкнотира. Честитаа и од Светска банка, Европската Банка за обнова и развој (ЕБРД), премиери на многу држави, комесари, сенатори, пратеници, конгресмени, министри за финасии на други земји, нобеловци по економија кои ги среќавав на разни форуми и многу други меѓународно познати економски експерти и аналитичари, меѓународни институти итн, но нам ни беа најважни честитките и одлуките на странските и домашните инвеститори кои отвараа или прошируваа компании и фабрики во Македонија, со кои ја намалувавме огромната невработеност која ја наследивме. 

Растеше извозот, и покриеноста на увозот со извоз, се смалуваше платниот и трговскиот дефицит, растеа девизните резерви, а во еден период намалените даноци толку многу допринесоа да не се исплати затајувањето данок, што приходите во буџетот порасна над сите наши очекувања, па со дел од тие пари на повеќе од половина го намаливме долгот на државата, враќајки ги кредитите предвреме и тоа во целост кон ММФ и Парискиот клуб, а делумно кон Светската банка и други кредитори. 

Ништо од тоа не се направи со “маѓепсно стапче”, туку со многу работа, труд, знаење, искуства, многу пресметки и проценки, долги дебати, консултации, проекции, посветеност, превземање ризици и одговорност и по цели денови и ноќи работа и размислување. 

Но, некако чувствував дека тоа не ни го вреднувана многу дома, нашите граѓани. Луѓето брзо се навикнуваат на убави работи и нормално, бараат уште, и уште, па почнуваат да мислат дека тоа што го имаат е еднаш за секогаш од Бога дадено. Епа, не е. 

На крајот, никој во Македонија веќе и не паметеше дека сме земја со најниска ефективна даночна стапка на планетата Земја, а кога на разни собири потсетував за ниските даноци, чувствував дека дури и на моите подржувачи тоа им е неважна и досадна тема.

Главна тема пред изборите во 2016 година стана укинувањето на радио-дифузната такса од 90 денари, која СДСМ ја укина, но истиот износ околу 4 милиони евра во тоа време, владата повторно го плаќа на МТВ од буџетот, пак од парите на сите граѓани а даноците им ги зголеми во вкупен износ многу поголем од 4 милиони евра. 

Предупредував во многу наврати дека ако дојде СДСМ на власт ќе ги покачат даноците, бидејќи тоа го правеа и претходно кога беа на власт, а и гледав какви луѓе ни се конкурентите, колку ги бива за водење државна економија и со каква матрица на размислување се. 

Во неколку наврати веќе тоа го прават, на еден или друг начин ги качуваат некои од давачките кон државата, даноците, акцизите и сл. 

Но, сега кога се качуваат даноците на храната, конечно некои луѓе забележаа дека она што го говорев во моите јавни настапи стана реалност. (како точка 5 на овој линк подолу).

Само од ова покачување на даноците властите ќе приберат дополнителни 70 милиони евра годишно повеќе во буџетот од купувањето храна од народот. 

Од купувањето брашно, сирење, замрзната риба, џигер, кашкавал, зденки, макарони, павлака, мусли, тропско овошје, детска храна и околу 1000 други прехранбени производи, а не им е прво покачување на даноци. Вкупните приходите во буџетот во 2016 година беа 2,88 милијарди евра, а во 2023 година треба да се над 4,55 милијарди евра, односно оваа власт собира скоро двојно повеќе од граѓаните и од економијата. Се разбира, дел од тоа се должи на зголемените даноци. Од нас каде одат парите се гледаше и се чувствуваше. Сега каде одат, ниту се гледа, ниту се чувстува. Многумина наседнаа. А не е дека не предупредив…