Граѓаните револтирани, покрај поскапувањето на храната и комуналните услуги, следува нов удар по семејниот буџет, поскапување за вадење на лични документи. Патните исправи, личните карти, возачките дозволи ќе чинат повеќе. Овој чекор на властите дополнително ги разочара граѓаните кои пред камерите на Алфа велат дека одвај го поминуваат месецот, а овој ценовен шок и тоа како ќе влијае врз нивниот џеб. Не се согласуваат со одлуките на властите.

Според последните информации од МВР, пасош за лице над 27 години ќе изнесува 2.000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Цената на возачката дозвола ќе изнесува 410 денари, што е зголемување за 130 денари. Ќе има промени на цените и на обрасците за итна постапка: цената на пасошот по итна постапка ќе изнесува 6.100 денари, што е зголемување за 1.600 денари. Цената на возачката дозвола по итна постапка ќе изнесува 1.230 денари, што е зголемување за 390 денари.

Од МВР се правдаат дека поскапувањето било оти покрај другото биле зголемени трошоците за одржување на системот.

Промената на цените е „поради зголемените набавни цени на увезените обрасци, зголемените трошоци за одржување на системот кој се врши од страна на странски економски оператор, како и набавката на нови машини поради укажаната потреба од замена на веќе дотраените машини за персонализација, итн.“, велат од МВР.

Засега докуметите се издаваат по стара цена, но штом одлуката на владата ќе биде објавена во службен весник, на сила стапуваат новите цени.

Она што највеќе ги разлути граѓаните е сомнежот дека сето поскапување на докуметите сега е тенденциозно направено,оти до 2024 година сите оние кои немаат документи на кои го пишува новото име на државата ,мора да извадат нови, а поскапувањето е токму сега.

За обнова на сите документи, и регистарски таблички едно лице ќе треба да одвои 4570 денари.