Потрагата по телото на Данка Илиќ продолжи и утринава, јави дописникот на РТС. Жителите на Бор палат свеќи, оставаат цвеќе и играчки на градскиот плоштад кај Домот на културата.

Вчера беше објавена страшната вест дека девојката Данка Илиќ (2) е убиена и дека нејзиното тело е фрлено на депонија. Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ го признале ова дело. Голем број екипи од вчера ги пребаруваат локациите каде би можело да биде телото на девојчето, а потрагата продолжува и денеска.

Вчера биле извршени претреси на три локации, селата Злот и Лука, како и депонија недалеку од Бањско Поле, како место на кое двајцата осомничени посочиле дека го сокриле телото на детето откако го удриле со автомобил. Пребаран е и имотот на дедото на еден од осомничените.

Сепак, има сознанија дека еден од осомничените го префрлил телото на друга локација, изјави на прес-конференција министерот за полиција Братислав Гашиќ.

Српските медиуми информираат дека истрагата утврдила дека се се случило на 26 март околу 13 часот и 52 минути, односно само седум минути откако исчезна девојчето.

Во Бањско поле и утрово како и претходните денови владее молк. Низ селото минуваат мештаните кои се будни, молчаливи и со наведнати глави, а на местото каде што се претпоставува дека малата Данка Илиќ ја удрил автомобилот, има цвеќе и свеќи, каде мештаните и оддаваат последна почит.

На депонијата во Бањско поле речиси и да нема ѓубре, а штотуку пристигнало полициско возило.

Двегодишно девојче исчезна пред единаесет дена. Оттогаш по неа интензивно се трагаше.