„Овие бројки на перцепција и на недоверба се една ладна шлаканица за сите нас и мора сите кои учествуваме во јавниот простор да поработиме да ја смениме перцепцијата, заради тоа што таму кадешто има недоверба, всушност имаме пасивизирано општество“, вели директорката на Институтот за комуникациски студии (ИКС), Жанета Трајковска

Иако институционалната транспаретност е подобрена, нема институција во државата која ужива висока доверба од граѓаните. Јавноста е незадоволна од нивната транспарентност и отчетност. Граѓаните имаат ниска или умерена доверба како кон нив, така и кон медиумите и невладините организации, покажа истражувањето на ИКС.

На скала од 1 до 10, судовите се со најниска доверба со средна оценка од 2,4, а веднаш по нив се политичките партии и Јавното обвинителство со оценка 2,5.

Собранието е оценето со 2,7, а Владата со 2,8.

Претседателот добил оценка 3,5, полицијата 3,8 , локалната власт 3,7 и највисока доверба од граѓаните е кон Армијата, со оценка 4,9.

Довербата во медиумите и невладините организации е оценета со 3,5, а од меѓународните организации, ООН доби оценка од 3,9 , НАТО од 3,8, a Европската Унија 3,5.

Верските заедници уживаат умерена доверба од 4,4.

Според истражувањето, огромно мнозинство граѓани е скептично кон сè што се објавува. Така, повеќето од половината не веруваат на која било објавена информација, 30 отсто претпоставуваат дека е веродостојна, а само 14 отсто сметаат дека сè што е објавено во медиумите е точно.

„Она што е позитивно во целото ова истражување е дека најголем дел од овие 14 отсто се млади од 18 до 24 години. Разочарувачка е истотака перцепцијата и за отчетноста на државните органи. Учесниците во истражувањето сметаат дека често има изговори за функционерите да се однесуваат несоодветно. Само 1 посто од испитаниците сметат дека пратениците секогаш се грижат за граѓанските интереси, или дека обвиненијата на обвинителствата добиваат разрешница. Овие бројки на перцепција и на недоверба се една ладна шлаканица за сите нас и мора сите кои учествуваме во јавниот простор да поработиме да ја смениме перцепцијата, заради тоа што таму кадешто има недоверба, всушност имаме пасивизирано општество. Тука се сите институции, меѓутоа и невладиниот и медиумскиот сектор“,вели директорката на Институтот за комуникациски студии Жанета Трајкоска.

Анкетното истражување е спроведенa на репрезентативен примерок од 1 000 учесници – граѓани на Република Македонија на возраст над 18 години од сите региони од државата, во периодот од 20 октомври до 14 ноември 2023.

Бројките послужија во контекст на денешната конференција за транспарентност и отчетност, на која прв говорник беше премиерот Димитар Ковачевски. Тој посочи дека Владата е отворена и транспарентна и оти фактите кажуваат дека во последните две години Владата достигнува и задржува 100% транспарентност. Во поглед на перцепцијата на граѓаните, прстот го впери кон медиумите.

„Ако сега излеземе надвор од оваа сала и прашаме граѓани колкава е транспарентноста на Владата, која според мерењата е 100%, тие нема да одговорат со научен методолошки измерен факт, туку ќе одговорат каква е нивната перцепција и искуство за темата за која се прашани. Доколку пак прашаме колкумина од нив ги следат информациите директно од каналите на Владата, а колкумина преку медиумите, ви гарантирам дека повеќето, ако не и сите, ќе посочат дека информациите за работата на Владата ги следат преку медиумите. Секако, медиумите имаат своја слободна уредувачка политика, која ние ја поддржуваме, на која како институциите не сме ни помислиле да влијаеме, но мојата поента тука е дека врз перцепцијата на граѓаните влијаат медиумите со своето работење од кои тие се информираат. И тоа ретко има врска со достапноста на информациите колку што има врска со начинот на кои информациите се пренесени”,кажа Ковачевски.

Професорката Ана Павловска – Данева од Правниот факултет „Јустинијан Први“ забележа дека од државните институции Армијата, полицијата и Владата котираат повисоко во однос на другите институции, иако се најконзервативни органи кои најчесто работат со класифицирани податоци. Таа посочи дека тоа најверојатно, се должи на сериозната волја на оние кои ги раководат институциите и службениците.

„Мојот краен заклучок е дека, не нам на граѓаните, реално, ако секој политичар размисли здраворазумски и сака долго да опстои на функција, на власта ѝ е потребна транспарентноста, за да може подолго да владее“,заклучи Павловска-Данева.

Поради отсуството на одговорност на сите нивоа очигледно е дека граѓаните нема да имаат доверба во институциите, рече претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска.

„Да тргнеме по ред, ние сме општество во коешто сме детектирале дека највисок ризик од корупција се силните политички влијанија, дека отсуството на интегритет е заеднички именител на сите фактори на корупција, дека транспарентноста не е на ниво коешто го посакуваат граѓаните, дека дискреционите овластувања се злоупотребуваат, тогаш повеќе од јасно ќе ни биде дека одговорноста ќе биде на ниско ниво“,додаде Ивановска.

На денешната конференција „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС), учествуваа и челниците на Државниот завод за ревизија, Основното јавно обвинителство-Скопје, Врховниот суд и други.