ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ (МАКЕДОНСКИ)“ ОД УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН– I ДЕЛ
Кога командниот брод на Александар Македонски премина на тројанскиот брег, во центарот на Дарданелите им принесе жртви на боговите на морето, Посејдон, Амфитрит и Нереид. Кога дојде блиску до брегот скокна сосе оклоп, го забоде копјето во песокливата плажа и извика дека ја добил Азија од боговите како „земја добиена со копје”.
Ова симболично присвојување на непријателска земја е направено и од Клитарх, но тоа е многу карактеристично и за однесувањето на Александар Македонски што може да се смета како историско. Наведувањето, меѓутоа, на неговиот извик се засновува врз извор премногу сомнителен за да ги оправда претпоставките за големината на неговите воени планови од тоа време.
Потоа Александар Македонски отиде во Илиум и со ентузијазам ги обнови сеќавањата за Тројанската војна. И го посвети својот штит на Атина и наместо својот зеде еден свет штит божем од времето на херојските години и на олтарот од Зевс Херкеј принесе жртва на Пријам, кој според легендата беше убиен од Неоптолем, синот на Ахил.
Така, како наследник на Ахил, Александар Македонски сакаше да ја ублажи болката на Пријам. Во рамнината под ридот Александар и неговиот пријател Хефестион положија венци на насипот со кој претпоставуваа дека се покриени останките на Ахил и Патрокле. Оваа екскурзија до Илиум овозможува длабоко да се проникне во романтичната душа на младиот крал.
Откако повторно се соедини со својата војска, која во меѓувреме Парменион целосно ја префрли од другата страна на морскиот брег, Александар тргна напред, извидувајќи ја внимателно земјата каде поминува, за да се сретне со непријателот, кој, како што беше информиран, ги беше концентрирал своите воени сили недалеку од Зелеија, јужно од Мраморното Mope.
По наредба на Големиот крал, кој сé уште немаше вистинска претстава за опасноста што му се закануваше од Александар Македонски, намесниците и генералите веднаш загрижени ги собраа своите воени трупи од земјите на оваа страна на планината Таурус и му се придружија на Мемнон и на неговата војска.
На воениот совет во Зелеија, Мемнон веднаш предложи алтернативен план за битката. Да се повлечат во внатрешноста и со опустошување на населбите и со уништување на жетвата целосно да го ограничат Александар Македонски и да го натераат да се повлече назад, а во меѓувреме со помош на флотата да ја пренесат војната во Европа.
Овој вешт план, кој покажува длабоко проникнување во критичната ситуација на Александар Македонски, што би го ставил во положба слична на онаа на Наполеон во Русија, не беше прифатен, бидејќи беше предложен од еден странец, па затоа гордите
Персијци најжестоко му се противставија. Поттикнати од чувството на супериорност, Персијците решија да го натераат Александар на битка на прагот на Азија.
Сепак тие беа доволно свесни дека не треба да го сретнат Александар Македонски на отворено поле, односно сакаа да го избегнат неговиот фронтален напад. На тој начин, тие отидоа на запад до долниот тек на реката Граник, планинска река која се спушта од Ида и се влева во Мраморно Mope и зазедоа позиција на десниот јужен брег.
Таму реката минува низ рамнина, а јужните брегови се издигаат на места стрмно дури и по два-три метра. Co очигледна грешка во тактиката, Персијците ја поставија својата коњица (според Аријан таа броеше 20.000) пред стрмните брегови, од каде не можеше да напаѓа, a пешадијата од античките грчки наемници (исто така 20.000, според истиот автор) ја поставија на извесно растојание зад коњицата
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН