Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс го искористија отсуството на првата ѕвезда и убедливо ја совладаа екипата на Филаделфија со 104-127. Дуелот во „Велс Фарго Центарот“ му припадна на гостинот од Сан Франциско, иако најдобриот играч на овој тим беше под нивото.
Ендру Вигинс со „дабл-дабл“ го предводеше тимот на „воините“ (21 поен, десет скока), додека по 18 уфрлија Куминга и Томпсон. Стеф Кари имаше половична минутажа и за 24 минути даде девет поени. Во таборот на Филаделфија прво име беше Каунсил со 17 поени на контото.
Најслабиот тим на истокот – Детроит Пистонс изненади и триумфира на гости кај Сакраменто Кингси со 120-133. Младиот Џејден Ајви беше најрасположен и со 37 поени го поведе тимот на Пистонси до изненадувачката победа, додека Сабонис од Сакраменто имаше „дабл-дабл“ (30 поени, 12 скока).
На останатите терени вреди да се издвои партијата на Мајлс Бриџс кој уфрли 45 поени во поразот на неговиот Шарлот дома од Торонто (117-123), додека Донован Мичел со 40 поени на контото го поведе Кливленд до победа во Вашингтон (106-114). Победи запишаа уште Њу Орлеанс кај Клиперси (106-117), Мајами дома со Сан Антонио (116-104) и Бостон против Атланта (125-117).