Германија нема да ја блокира Полска ако таа одчучи да испрати тенкови „леопард“ во Украина, изјави германската министерка за одбрана Аналена Бербок. Минатата недела, западните сојузници ветија нова воена помош за Украина вредна милијарди долари, но притоа не беше постигнат договор околу испраќањето на германските тенкови.

„Владата нема да ја блокира Полска ако таа сака да испрати тенкови ‘леопард‘ без согласност од Германија. Во овој момент, таквото прашање не е поставено, но ако нè прашаат, ние нема да им стоиме на патот“, изјави Бербок за француската телевизија „ЛЦИ“.

Берлин се наоѓа под силен притисок да испрати германски тенкови „леопард 2“, но досега беше воздржан, сметајќи дека тоа би значело ескалација на војната. Овие тенкови се во составот на голем број европски армии, но ниедна држава не смее да ги испорача без согласност од Германија. Украинскиот претседател Зеленски верува дека 300 вакви тенкови би им биле доволни за да ја поразат Русија.

Германија претходно навести дека испораката на тенковите е условена од американската согласност да испрати тенкови „абрамс“, што засега не е во план на Вашингтон. Сепак, некои американски пратеници го притискаат Конгресот да одобри испраќање макар и на симболична бројка тенкови „абрамс“, со цел да се охрабрат сојузниците.