Странец кој е добро интегриран во Германија полесно ќе доаѓа до германски пасош. Германската влада денеска го усвои предлог законот со кој не само што се олеснува натурализација, туку и дозволува поседување повеќе државјанства.
Но, за стекнување државјанство и натаму важат условите кои се однесуваат на економска и демократска интегрираност во германското општество.
Начелно, странци ќе имаат право да аплицираат за германски пасош веќе по пет години престој, но ќе треба да покажат приврзаност кон вредностите на либералното општество.
Државјанство нема да можат да добијат осудени за кривични дела направени од антисемитски или расистички побуди. Исто така, кандидатот за германско државјанство ќе треба да се издржува без социјална помош.
Германското министерство за внатрешни работи вели дека законските измени се предлагаат за да се зачува економската конкурентност на Германија.
Според податоците на министерството, во моментов, околу 14 отсто од населението нема германски пасош, што е повеќе од 12 милиони луѓе. Меѓу нив се околу 5,3 милиони кои се во Германија најмалку 10 години.
За да стапи во сила, законот треба да биде усвоен во Бундестагот.
Date: