Вториот ден откако индустриските пекарници не носат леб од 33 денари, тазе леб има само за ранобудниците и тоа во маалските пекари, кои ја симнаа цената на 30 денари.
На рафтовите во големите маркети е распореден двопек, милиброд и специјален леб за слабеење, бидејќи во текот на вчерашниот ден се распродале дури и специјалните видови лебови, чија цена се движи и до 90 денари. Дел од маалските продавници се снаоѓаат, па склучуваат договор со некоја мала пекара од приградските населби, но велат дека тие немаат капацитет да ги задоволат дневните потреби на граѓаните.
Во помалите пекари вчера можеше дури да се „резервира“ леб за следниот ден, бидејќи произведеното се распродава во првите два часа. Во меѓувреме, се трошат и последните залихи брашно по маркетите, бидејќи граѓаните ги „засукаа ракавите“ и почнаа да месат леб.
Испектори вчера извршија 189 надзори, но нивната надлежност е само да контролираат дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените на белиот и полубелиот леб.