ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

Во грчката историографија (Сакелариоу, 1982, Костопоулос, 1992 и други) се истакнува дека меѓу 2 000-1 900 година п.н.е., за време на Големата преселба на народите на север, еден дел на протоелинските племиња ја населиле Македонија и тие се наречени Македонци, по името на својот крал Македон. Друг дел отишле на југ и тие се наречени Дорци. Помал дел од Македонците мигрирал во делови на источна Тесалија, во Магнезија, со нивниот родоначалник Магнет.


Во митологијата Магнет бил крал на Магнетите кои живееле во планинските делови на источна Тесалија и блиските острови на Егејското Море. Херодот (VII, 129) опишува дека Тесалија некогаш била големо езеро по име Бебеидско Тоа било опколено од сите страни со високи планини и дека богот Посејдон бил тој кој ја направил големата клисура меѓу Олимп и Оса, со што се создала тесалиската рамнина. Магнетите биле меѓу првите кои тука се населиле. Според Сенц (1910, 579), Магнезија и припаѓала на Македонија и пред Филип II.


Во историјата Хесиод, (околу 700 години п.н.е), во „Фрагменти” (29), изнесува дека Магнет и Македон се синови на богот Зевс и Тија. Тоа исто го направил и Пиндар (522-446 години п.н.е.) во Олимпија. Херодот (VII, 178) и Таусаниа (X, 6,4.) опишуваат две Тии. Една е Делфиската нимфа, свештеничка на Дионис, која на Аполон му го родил Делф, епонимен херој на Делфите; додека другата Тија е Деукалионова ќерка.
Оваа легенда е врзана за Деукалионовиот потоп во Фтија, кога Зевс одлучил да го уништи безбожниот човечки род. Таа легенда е со исто потекло како и библиската за Ноевиот потоп, кој се случил во Месопотамија, во третиот милениум п.н.е., околу 1 800 го-дини пред Деукалионовиот во Фтија. Деукалион е син на Прометеј и Океанида Климена, крал на Фтија во Те-салија, татко на Елин и родоначалник на дорските Елини.


Како што претходно е кажано, во бронзено-железниот период, т.е. меѓу 1 200-800 година п.н.е., на Балканот имало големи преселби на Илирите и Дорците. Херодот (I, 56) наведува дека Дорците, за време на нивниот крал Деукалион, живееле во земјата Фтиотида во рамницата на реката Сперхеј, во градот Хелас (етим. хелос, мочуриште, ливада), додека во времето на Дор, синот на Елин, во земја под планината Оса, наречена Хистиеотида; значи тие никогаш не биле во Магнезија.


Подоцнешните митографи, како Аполодор (I-II век п.н.е.), во „Библиотека” (I, 7, 2 и понатаму) и други, за да им дадат на Дорците божествено потекло, ја создале приказната дека богот Зевс после потопот, „кога е уништен целиот човечки род”, го пратил Хермес, славниот гласник на боговите, својот син и најмладиот од дванаесетте олимписки богови, кај осамените сопружници Деукалион и жена му Пира, да го обноват човечкиот род зашто не сакале да живеет во самотија. Подоцна тие изродиле бројно потомство.
Од нивните синови најпознати се Елин и Амфиктион, а од ќерките Тија .


Што се однесува до потопот, филозофот Аристотел (384-322 години п.н.е.) во „Метеорологика” (I, 14) изнесува дека Деукалионовата поплава не се случила во Фтија, каде тој бил крал, туку таа ја опфатила „Стара Грција” (Граициате и етнонимот Грци), област околу Додона и реката Ахелоја, т.е. Теспротија, денешен Епир. Жителите на Додона биле Пелазгите, а не Дорците, што го тврди и Хомер во песната за Патрокло (II. 16, 233): „Зевсу, о крал на Пелазгите и Додонците , кој далеку во Додона владееш”.


Во Тројанската војна Дорците не учествувале заедно со другите Елини (Ахејците, Аргивците и Данајците). На Хомер не му се познати Деукалион, неговиот син Елин и останатите нивни потомци, што го потврдува и Тукидид (I, 3, 12) кој вели дека: „Дорците, шеесетата година по Илиј го прогониле Беоќаните од Арна и во осумдесетата година, со Хераклидите, го зазеле Пелопонез.” Понатаму вели дека „Елините се наречени како кој според градовите и си земале имиња по другите народи, највеќе по Пелазгите”.


Спротивно на Дорците, Магнетите во Тројанската војна учествувале со 40 бродови, а водач им бил Протој, син на Тентредон (Хомер, II, 756).
Од ова произлегува дека легендата за Тија и нејзините синови, Магнет и Македон, настанала по Хомер. За неверодостојноста на митот за Деукалион, Тија, Елин и Магнет, сомневање изразиле многу митолози и историчари, зашто митот е спротивен од археолошките откритија. Аполодор (Библ.I, 9, 6) изнесува дека Магнет не бил син на Деукалион, туку Лапит.


Томсон (1954, 134) го потврдува ова Нелсоново сомневање од неговата книга „Хомер анд мѕ ценае” (Лондон, 1933, 58) и истакнува дека Магнетите во Тесалија дошле од север, преку Вардар и Олимп, а нивни бог зашитник бил „Посејдон, од македонскиот град во Пиерија, под името Петра. Тие дошле од Средно Подунавје заедно со Минијците (Миничево), Лапитите (Лапово), Тироите (Сираково) и Флегрите (Панчево).
Сите тие се создавачи на материјалната култура Сескло и Димини, културата на неолитот на Централниот Балкан, каде спаѓаат Неа Никомедеа кај Солун, Дупјак-Диспилеон кај Костур, Породин, Анза, Вршник и други во Македонија. Блеген (АЈА, 1897, 32, 146), како и Папаставроу (1972, 18), ги датираат меѓу 3 200-2 600 година п.н.е., под заеднички етноним Еоли (подвижен, шарен, мултиетнички).


Според една друга приказна, (Паусаниа, IX, 20, 1; 40, 5), Магнет бил син на Еол, епонимен херој на Еолците и владетел на Тесалија-Еолија, внук на Елин и нимфата Орсеида. Магнет со разни жени имал многу деца. Од овие истражувања, утврдени со бројни факти, јасно произлегува дека Магнет и Македон, епонимни херои и кралеви на Магнетите и Македонците, не биле со дорско, односно елинско потекло.
Магнетите, како едно од еолските племиња во Еолија (подоцна Тесалија) и Македонците припаѓаат на неолитско-халколитската култура (6 500-3 100 години п.н.е.) и на политеистичката религија на олимписките богови. Тие се проиндоевропски народ, нивниот јазик е од палеобалканската глосологија, а нивното писмо, македонско, од с. Дупља (Диспалио), Костур, и е слично на винчанското. Припаѓаат на Хиперборејците и Болемаите, а го наследиле Централниот Балкан, по долините на Морава и Вардар.


Дорците заедно со Илирите припаѓаат на културата од железниот период (1 200-700 години п.н.е) што го потврдува и Тукидид (I, 3), кој вели: „…децата на Елините, токму први Елини биле…Дорците го населувале југозападниот дел на Пелазгија (подоцна Елада) со Пелопонез (1104 години п.н.е.), доаѓајќи од северозапад по должината на јадранскиот брег, околу 1120 години п.н.е., т.е. осумдесет години по паѓањето на Троја (Тукидид I, 12).


Дорците ги уништиле Микена и околината, каде претходно цветала микенската култура (Папаставроу, 1972, 49). Тие предизвикале нови миграции на Балканот (Бриги, Теспроти, Беоти, Еолци, Јони, Ахеи и други). Тие биле сурови и агресивни, палав и „скитачки народ”, како што ги нарекува Херодот (I, 56): етнос полипланетон карта). Биле анонимни, без етноними, а „… си земале имиња по други народи” (Тукудид I, 3). Зборувале дорски јазик, кој не припаѓал на палеобалканската глосологија. Нивната религија е непозната.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН