Европската унија во вторник ќе одржи итен состанок на министрите за внатрешни работи, откако има несогласувања меѓу земјите-членки околу пристигнувањето на повеќе од 50.000 мигранти во шпанската територија Сеута, во северна Африка, пренесува Гардијан.
Одлуката беше донесена од претставници на земјите-членки на ЕУ и експерти од агенцијата за гранична и крајбрежна стража Фронтекс, на состанок во саботата, кој беше опишан како „отрезнувачки“.
Шпанија потврди дека најмалку 67 луѓе загинале при обидот да ја преминат границата. Дел од нив се удавиле, додека други биле смртно прегазени во метежот додека се обидувале да ја преминат заштитната бариера на бранобранот.
Обид да се смират страстите
Одлуката за свикување на самит на министрите беше донесена едногласно, додека лидерите на Европската Унија се обидуваат да ги надминат поделбите меѓу земјите-членки и повторно да воспостават единствен пристап кон миграцијата.
Шпанија соопшти дека во текот на ноќта бил запрен приливот на мигранти кон Сеута, додека полицијата почнала да поставува 500-метарска пловечка бариера долж границата со Мароко.
„Бев во контакт со шпанскиот премиер и ќе обезбедиме каква било помош што можеме“, изјави британскиот премиер Енди Барнам.
Италија и Данска, со поддршка од Полска и Шведска, на состанокот во саботата ја критикувале Шпанија за случувањата во Сеута.
Во остро интонирано писмо, шпанскиот премиер Педро Санчез ги осуди „лажните вести“ и „дезинформациите“, истакнувајќи дека „практично сите“ мигранти биле вратени во Мароко откако армијата интервенирала во петокот, „спречувајќи какво било неовластено понатамошно движење кон континентална Европа“.
Според извори, на состанокот се разговарало и за сомневањата дека Русија се обидува да шири дезинформации со цел да предизвика раздор во Европската Унија.
Во Шпанија постои незадоволство затоа што претходните случаи, кога мигранти масовно се собраа на границата на Полска, беа окарактеризирани како „хибриден напад“ од Белорусија, по што Полска доби силна поддршка и солидарност од ЕУ.
Иако до 18 часот во петокот повеќе од 48.000 луѓе доброволно се вратиле во Мароко, бранот мигранти предизвика политичка криза за владата во Мадрид, а некои земји-членки на ЕУ побараа Шпанија привремено да биде суспендирана од Шенген-зоната.
Претседателот на Сеута, Хуан Хесус Вивас, изјави дека, иако многумина се вратиле во Мароко, не сите што влегле во градот го напуштиле.
„Не сме се вратиле во нормала, бидејќи сè уште има неколку илјади луѓе кои треба да бидат вратени, а атмосферата и понатаму е исполнета со неизвесност и загриженост“, рече тој.
Вивас побара сите безбедносни мерки воведени во Сеута да останат во сила за да се гарантира безбедноста на населението.
„Нарушување на единството на ЕУ за миграцијата“
Санчез побара свикување на состанокот откако, според него, дошло до нарушување на единството на ЕУ во однос на политиката за надворешните граници, при што Италија ја нападнала Шпанија.
Италија во петокот вечерта соопшти дека за еден месец ќе го суспендира шенгенскиот режим со Шпанија, иако Сеута – како и другата шпанска територија во Северна Африка, Мелилја – има посебен шенгенски статус што го спречува понатамошното движење кон останатиот дел од зоната.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани ја обвини владата на Санчез дека кризата во Сеута е последица на сега веќе затворената програма за легализирање на статусот на повеќе од еден милион нерегуларни мигранти и баратели на азил. Според него, таа програма го поттикнала криумчарењето луѓе и била „длабоко погрешна“.
Во писмо испратено до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и ирскиот премиер Михол Мартин, чија земја претседава со Советот на ЕУ, Санчез наведе дека, иако повеќето членки изразиле поддршка и солидарност, некои избрале да ја нападнат Шпанија.
„Таквиот пристап – поттикнат од предрасуди, лажни вести, незнаење или политички интерес – е спротивен на европското право, хуманитарното право и принципите на солидарност што нè обврзуваат“, напиша Санчез.
Во јасна порака упатена кон Италија, тој истакна дека Шпанија, „според Фронтекс, има една од најдобро обезбедените надворешни граници на Европската Унија, а бројот на нерегуларни влезови е двојно помал од оној што, на пример, е регистриран во Италија во периодот од 2021 до 2026 година“.
„Време за солидарност и единствен европски одговор“
Високи претставници на ЕУ во саботата се состанаа во рамки на тимот за политички одговор при кризи, свикан од ирското претседателство.
Ирскиот премиер Михол Мартин соопшти дека, како претседавач со Советот на ЕУ, Ирска во вторник ќе свика состанок на Советот за правда и внатрешни работи, со кој ќе претседава министерот за правда Џим О’Калаган, за да се разгледа развојот на настаните во Сеута.
„Остануваме во близок контакт со сите земји-членки и институциите на ЕУ и внимателно ја следиме ситуацијата“, напиша Мартин на социјалните мрежи.
О’Калаган изјави дека разговарал со шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка, на кого му изразил солидарност и поддршка.
Во изјава што се толкува како одговор на критиките на Санчез, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека ја поздравува неговата иницијатива за одржување видеоконференција „за да се согледа што точно се случило“.
„Борбата против нелегалната миграција бара солидарност и единствен европски одговор“, посочи Урсула фон дер Лајен.





