Време е за женска димензија во политиката. Ова денеска го порача универзитетската професорка и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова, официјално обзнанувајќи дека одлучила да поднесе кандидатура за претседател на државата до ВМРО-ДПМНЕ, за што конечна одлука ќе се носи на партиската Конвенција на 2 март.

Рече дека ѝ требало долго време за да ја донесе одлуката, но дека од објективни и субјективни причини се решила повторно да влезе во трката за избор на шеф на државата.

„Кои се објективните – резултатот од минатите избори. Кога ќе добиете некаде околу 380 илјади гласови, тоа е големо признание, не само од партиските членови и симпатизери, туку и од граѓаните. Второ, состојбата во која се наоѓаме можеби е најважното нешто. Многу ме боли што другите држави, дури и оние во ЕУ, повеќе нè ценат одошто ние самите. Значи, во агонија се не само граѓаните, туку и сите ние кои сме овде, и мислам дека е време прво за женска димензија во политиката, време е за консензус без оглед на партиска, верска, етничка и друга припадност. Ако градиме консензус ќе бидеме посилни кон надвор. И она што мене сиве овие четири години најмногу ме инспирира и ме обзема е филозофијата дека ако не се почитуваме себеси, не може да очекуваме почит од никого. Мислам дека само со самопочит ќе дојдеме до почит. Субјективната причина – цел живот предавам компаративно уставно право и компаративен политички систем и признавам дека овде, во куќата на демократијата (Собранието), видов дека тоа што го предавам не функционира“,порача Силјановска-Давкова на денешната прес-конференција.

Порача дека ако биде избрана за шеф на државата, кон граѓаните нема да се однесува како републикански монарх, туку, како што рече, како кон луѓе, индивидуи, припадници на различни заедници. Оцени дека претседателите многу често се „далеку во планината“ и далеку од граѓаните. Во оваа насока, рече дека ќе се залага за враќање на т.н. граѓански канцеларии – институт што, како што рече, се практикува во САД и во другите држави.

На јавноста ѝ порача да се не чуди ако ја види во првите редови на протести со маргинализираните групи бидејќи, како што рече, како претставник на сите граѓани, претседателот треба да се солидаризира со нив.

„Ветувам дека доколку станам претседателка, моите кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд, најдобрите во Судскиот совет, дека амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност, а не врз партиска блискост. Дека пред да пристапам кон вето, преку настапите во Собранието, кои се мислена именка освен пред Нова година, а Уставот вели најмалку еднаш а не најмногу еднаш годишно, да кажам ‘дајте да се усогласиме овде, да дојдеме до решение, да креираме јавна политика’“,додаде Силјановска-Давкова.

Универзитетскта професорка оцени дека во овој регион, а особено во Македонија дошло времето на жените. Порача дека ќе ги почитува различностите, но дека ќе се опкружува со жени во сите пригоди и на сите места зашто, како што рече, во човештвото се покажало дека кога жени се на клучни функции, тогаш се можни промени.

Нагласи дека без владеење на правото и без радикални промени во системот, земјава нема да чекори напред и порача дека во Европската Унија се оди со стандарди во сите области – од човековите права до економијата.

„Со реторика ЕУ, ЕУ, љубов моја, ЕУ, фронт за ЕУ, не се оди во ЕУ. Во ЕУ се оди со стандарди во сите области – од човековите права до економијата. Стандардите ни се потребни за да станеме пристојно европско место, пристојна држава, компатибилна со сите во ЕУ и во светот, Само така ќе не почитуваат“,заклучи Силјановска-Давкова.