Обесхрабрувачки е да се гледа дека македонската заедница во Бугарија премногу долго е маргинализирана. Ова е неприфатливо во едно модерно и демократско општество. Време е бугарските власти да ги почитуваат пресудите од Стразбур, изјави пратеникотДарко Каевски.

Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур е една од главните точки на оваа пролетна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), а во извештајот се вметнати и пресудите кои што се однесуваат на Македонците од Бугарија, а кои што Бугарија не ги спроведува.

На пленарната сесија на ПССЕ по овој извештај се обрати и македонскиот пратеник Дарко Каевски кој ја повика Бугарија да ги почитува пресудите на ЕСЧП кои што се однесуваат на Македонците во Бугарија.

-Основно право кое што го заслужува секој поединец и секој народ е правото на самодентификација. Тоа е суштинска цел и вредност во современите општества што мора да се почитува, рече Каевски во обраќањето.

Според него, граѓаните на Македонија напорно работат на развивање на блиски односи со соседните земји.

– Ние жртвувавме многу за промовирање на мир и соработка во регионот. Затоа треба да ги потврдиме добрите врски меѓу Македонија и Бугарија. За жал обесхрабрувачки е да се гледа дека македонската заедница во Бугарија премногу долго е маргинализирана. Ова е неприфатливо во едно модерно и демократско општество, изјави Каевски.

Тој пред пратениците порача дека е време бугарската Влада да го признае македонското малцинство и да им овозможи место во општеството кое што им припаѓа. Македонците, вели, имаат право на сопствен идентитет, јазик и култура. Македонците, како што рече, имаат право да бидат горди на тоа што се и од каде доаѓаат.

Каевски потсети дека Обединетите Нации јасно ставиле до знаење дека промовирањето на самоидентификацијата е една од нивните главни цели.

-Европскиот суд за човекови права исто така донесе одлуки што се однесуваат на правата на луѓето кои живеат во Бугарија а се определуваат самите како Македонци. Време е бугарските официјални власти да ги почитуваат овие пресуди, порача Каевски.

Тој додаде дека ако Бугарија не ги почитува одлуките на ЕСЧП, ќе потврди дека правата на Македонците не се почитуваат. Тоа, според него, ќе биде штетно со оглед дека Бугарија е дел од Европската Унија.
Каевски повика да се отстранат сите сомнежи дека има политичари кои сакаат да ги нарушат односите меѓу двете земји заради сопствени интереси.

-Да го почитуваме основното човеково право на самоидентификација за сите и да работиме заедно да изградиме подобра иднина за нас и нашите деца, додаде тој.

Во обраќањето Каевски се осврна и на евроинтеграцијата на Македонија, нагласувајќи дека како сигурен партнер на ЕУ, Македонија целосно е посветена на патот кон Унијата. Исто така, потсети дека нашата земја ги исполни сите неопходни услови за почеток на преговорите и има широка поддршка од земјите членки.

-Веруваме во европските вредностии тие ни се водич за развојот на македонското општество. Владеењето на правото, демократијата, почитувањето на основните човекови права, треба да се почитуваат од секоја земја членка на ЕУ за да се одржи Унијата цврсто на своите вредности, заклучи Каевски и ги повика пратениците да работат заедно назаштитата на овие вредности како основа за долгорочни врски меѓу сите земји и народи во Европа.