Резултатите од гласањето на дијаспората во првиот круг на претседателските избори покажуваат убедливо водство на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова со 369 гласа, додека на втората позиција исплива шефот на дипломатијата, Бујар Османи, како кандидат Европскиот фронт предводен од ДУИ. Тој има освоено 182 гласови и се најде пред актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој во трката за втор мандат ја добил поддршката на 175 гласачи во странство.

ДИК ги објави првичните резултати од гласањето на дијаспората, по обработката на податоците од 31 гласачко место, каде од 2..569 избирачи, правото на глас го искористиле 1.017. Дваесет ливчиња се прогласени за неважечки.

Од нив, 158 гласале за кандидатката на Левица, Билјана Ванковска Цветковска, 66 му ја дале довербата на Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ, 37 гласачи заокружиле за Арбен Таравари од здружената албанска опозиција и последен на листата е Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 18 добиени гласови.

Највеќе гласачи во Љубљана, Берлин и Минхен

Според податоците на ДИК, најголем интерес за гласање на дијаспората имало во Љубљана (136), Берлин (119) и Минхен (68), додека најслаб интерес има во Мадрид (седум гласачи) и во Рим, Детроит и Пекинг каде се регистрирани гласовите на по девет гласачи. 

Во Љубљана битката за претседател се водела меѓу двете кандидатки – Сиљановска и Ванковска. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 52 гласа, додека зад неа е кандидатката на Левица со 34 освоени гласови во првиот круг од претседателската трка. За Пендаровски гласале 21, а Јакимовски има само еден глас. 

Османи прв во Берлин и Минхен

Во Берлин каде гласале 119 иселеници, убедливо највеќе гласови има освоено Бујар Османи – 57, по него е Сиљановска со 23 гласа и Ванковска со 16 гласови за поддршка. Најмалку гласови има Пендаровски – само три. 

Во Минхен битката се водела меѓу Османи и Сиљановска. Кандидатот на Европскиот фронт освоил 21 глас, додека еден глас помалку има Сиљановска. Османи ја добил поддршката на гласачите и во Загреб, каде од 49 гласачи – 25 го заокружиле неговиот број. 

Пендровски убедливо ја добил поддршката на иселениците во Вашингтон, каде за него гласале 13-мина. Во Пекинг каде гласале деветмина, Пендаровски води со четири гласа, а зад него е Ванковска за која гласале двајца од дијаспората.