Јавното здравство во Македонија е речиси осакатено, недостасуваат гинеколози, анестезиолози, патолози, педијатри, ортопеди, кардиолози, интернисти, ендокринолози, пулмолози…Несопирливо продолжува трендот на лекари и медицински сестри кои што заминуваат во странство за повисоки плати и подобри услови за работа.Германија,Италија, Швајцарија и Хрватска се покажале како земји кои се најатрактивни за работа на нашиот медицински кадар. Македонија во моментов се соочува со недостиг на медицински кадар речиси во сите свери на специјалности, што најмногу се детектираше во периодот на Ковид – пандемијата.
Од здравствениот синдикат посочуваат дека годинава се очекува да заминат во пензија околу 80 медицински сестри. Минатата година 35 медицински сестри со завршена Висока медицинска школа во Битола побарале да им се преведат наставните планови и програми по кои студирале за ги приложат во здравствените установи во странство. Повеќето од нив учеле и полагале и германски јазик со цел да работат во Германија.
Професор д-р Горан Димитров, претседател на Македонско лекарско друштво посочува дека според некои неофицијални сознанија, годишно земјава ја напуштаат околу 200 лекари, а околу 150 лекари заминуваат во пензија.
Исто така по стотина сестри годишно ја напуштаа државава заради вработување во странство.
– Нашите сознанија се дека лекарите најчесто заминуваат во Хрватска, Словенија, Австрија, Германија и во последно време и Италија е нивна посакувана дестинација. Речиси сите земји во Европа евидентно имаат подобри услови за работа од кај нас, но Германија им нуди најдобри услови и заработувачка, вели Димитров и дополнува дека здравството се наоѓа пред реален колапс.
Тој смета дека егзодусот на лекарите во странство, секако и на медицинскиот персонал, мора да се сопре, бидејќи наскоро нашите граѓани нема да има кој да ги лекува.
– Во внатрешноста на земјава, состојбата е уште покритична. Во одредени средини нема ниту матични лекари, нагласува Димитров.
Според регистарот на Лекарската комора во Македонија има 9.520 активни докторски лиценци.Лиценците се издаваат со важење од седум години, по што се обновуваат. Од комората велат дека се евидентирани вкупно 179 лекари со активни лиценци, кои дале податок дека работат во странство.
-Во 2020 година се издадени 122 потврди за работа во странство,во 2021 година 187 потврди, а минатата година се издадени 174 потврди. Но, четириесетина од овие доктори, секоја година еднаш или двапати ја вадат потврдата, што покажува дека не работат во странство, туку одат на усовршување, објаснуваат од Лекарската комора.
Како што вели за весникот ВЕЧЕР, д-р Калина Гривчева –Старделова претседател на Лекарската комора лани 435 нови доктори положиле стручен испит што покажува дека имаме добра продукција на медицински кадар.
Таа укажува дека во земјава проблем е што имаме концентрација на голем број на лекари во Скопје, а во внатрешноста има недостаток.
– Доколку се изнајдат механизми за редистрибуција на постоечкиот кадар, значително би се подобрила достапноста на медицински услуги на целата територија- смета д-р Гривчева –Старделова .
Сериозен притисок за наредниот период прави и старосната структура на лекарите која просечно е над 50 години.За да ги задржиме лекарите во нашата земја, од Лекарската комора велат дека треба да се поедностави политиката за вработување во јавното здравство.
– За младите лекари важно е да им создадеме услови за вработување веднаш по завршување на образованието, кои ќе им гарантираат пристојни приходи, но и олеснување на условите за специјализација, за што се направија некои позитивни промени, но, процесот сѐ уште не е завршен. Младите лекари се мотивирани и амбициозни да постигнат повеќе, поради што од големо значење за нив е и постоењето на можност за стручно усовршување во текот на работата- објаснуваат од Лекарската комора.