Кај Крагуевац по голема потрага на српските специјалци уапсен е Урош Б., лицето за кое има основани сомневања дека убил 8, а ранил 13 лица. Тој со калашников кај Младеновац извршил вистински масакр.
Цела ноќ траела потрагата по убиецот, 21-годишниот Урош Б. Тој пукал на три локации во село Дубона, по што побегнал. Во потрагата учествувале повеќе од 600 припадници на специјалните сили.
Крвавиот масакр кај Младеновац, недалеку од Белград, го извршил Урош Б. (21), објавија српските медиуми. Телеграф јавува дека напаѓачот не е осуден, но дека претходно бил пријавуван за насилство.
Тој по расправија во училишен двор убил најмалку осум лица, иако неофицијалните информации велат дека се убиени десет. Повеќе од десет се ранети, а некои се реанимирани.
Урош побегнал, а полицијата тргнала во огромна потера. Во крвав поход, според некои информации, Урош Б. пукал во дури 18 луѓе, бегајќи низ две села. За него во селото велат дека бил малку чуден, но дека никој не обрнал премногу внимание на тоа.
Напаѓачот наводно влегол во конфликт со децата и затоа пукал, вели сведок од Дубона за порталот Нова.рс. Почнал да пука од Дубона, а потоа посетил уште две села. Убиен е полицаец кој се обидел да го спречи. Убиена е и неговата сестра.
Мештаните на Дубона велат дека таткото на напаѓачот бил полковник и дека напаѓачот „било добро момче”.
„Не бил проблематичен, секогаш изгледал како мирно и добро дете. Татко му дошол овде за Велигден и купил свиња“, раскажува локален жител за Курир. Татко му наводно работи во Белград, на висока позиција во војската.