Власта сака да ја врати Македонија назад пред 100 години, кога всушност се воведе осумчасовното работно време, смета синдикатот, откако државата е се поблиску до тоа да се обврзе дека при изградбата на патиштата од „Бехтел и Енка“, наместо 40 часово, ќе биде одобрено 60 часовно работно време во текот на една недела.
Откако во јавноста опозицијата ја пласираше тезата дека Владата се обврзала дури и да плаќа тешки пенали доколку за американско-турскиот конзорциум не успее да го обезбеди ова работно време, од владата велат дека милионски суми нема да се плаќаат, но ќе се продолжи изградбата на коридорите, што, сепак, ќе ги зголеми трошоците, а тоа и граѓаните ќе ги чини повеќе пари.
Инаку, Владата не го објавува договорот со „Бехтел и Енка“, но тврди дека не зела обврска дека во рок од 45 дена ќе донесе законски измени со кои ќе ја ја зголеми работната недела за работниците на коридорите од 40 на 60 часа, а во спротивно да плаќа дестици милиони евра во форма на пенали.
„Согласно обврските во случениот договор, изведувачот може да работи во услови во кои важат постоечките одредби од законските решенија врзани со изградбата на Коридор 8 и 10Д, но во тој случај рокот за изведба би бил подолг од 5 години. Во овој случај државата ќе има обврска да ги исплаќа трошоците за изградба во дополнителните години градежни работи, што во краен случај, државата и граѓаните ќе ги чини повеќе средства“, изјавија од Владата.
Како што е познато, ова следуваше откако потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски објави дека ако не се зголемми работната недела владата ќе плаќа три вида на пенали кон Бехтел и Енка. Еднократно 53 милиони евра, секој месец 1 милион 265 илјади евра на веќе постојни трошоци кои што треба да се платат во договорот и дополнителни 900 илјади евра.
А Сојузот на синдикатите на Македонија најавува остра битка за заштита на правата на работниците.
Велат дека досега не се ни прашани дали се согласуваат со вакви услови на работа на коридорите.
„ССМ, иако е единствен репрезентативен синдикат и национален социјален партнер, не беше консултиран ниту за основниот, а не е консултиран ниту при носењето на Законот за стратешко партнертство за изградба на коридорот 8, иако тоа е обврска согласно Конвенцијата на МОТ за трудови клаузули, па Владата пред да прави било што, требало да ги консултира репрезентативните претставници на работниците и работодавачите. ССМ не е запознаен со новите предлози за измени и дополнување на Законот за работните одсноси поднесени од 15 пратеници во Собранието по итна постапка, иако повеќе од 5 години се преговара за нов ЗРО, и во ниту еден момент во текот на тие преговори овие предлози не биле разгледувани. Ова дополнително ни укажува дека целокупниот процес на преговарање е паушален и не се води на искрени и коректни основи, туку воопшто не се почитуваат ставовите на вклучените синдикати , граѓанскиот сектор и научната и стручната фела во државата, се со една цел, да се удоволи на еден странски конзорциум, на штета не само на работниците туку на целата држава“, вели во разговор за Фактор Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија.
Тој потсетува дека минатата година ССМ, заедно со Синдикатот за градежништво – СГИП покренаа иницијатива во врска со одредбата за работно време од 60 часа неделно за изградбата на Коридорот 8, и таа одредба како неуставна и незаконита беше укината од страна на Уставниот суд. Затоа, како што вели, овој став на Уставниот суд важи и за овие предлог измени, со оглед на тоа што Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, а пратениците се најповикани да ги почитуваат.
„За жал, со цел да се изигра ставот на Уставниот суд ,Владата преку група на пратеници сега предлага уредување на ваква одредба во ЗРО, не водејќи сметка за меѓународните трудови стандарди, Конвенцијата за работното време, европските директиви и други меѓународни документи, и директно го погазува пристојното работно време и пристојната работа како една од најголемите цивилизациски придобивки“, вели Трендафилов.
Тој нагласува и дека стручните лица и експерти кои водат грижа за човековото здравје и благосостојба, недвосмислено укажуваат на тоа дека прекумерната работа остава сериозни негативни последици врз здравјето на луѓето, семејството и општеството дури и кога луѓето приморани од егзистенцијални причини, „доброволно“ прифаќаат да работат прекувремено. Последиците се чуствуваат во вид на зголемен стрес, замор, нездрави животни навики.
„Сето ова доведува до зголемен ризик од повреди на работа, професионални болести и несреќи при работа, кои ќе завршуваат и со смртни последици, а вкупните трошоци за санирање на овие последици уште повеќе ќе ја чинат државата, но и работниците. Практиката говори дека стапката на повреди на работа расте пропорционално со зголемување на работните часови во текот на денот, неделата или на месечно ниво, и токму поради тоа, пред повеќе од 100 години, е воведено правилото 8 часови работа, 8 часови одмор, 8 часови рекреација со семејството. За жал Владата и овие пратеници ја враќаат Македонија назад повеќе од 100 години Додека голем дел европски држави експериментираат со воведување на 6 часовно дневно работно време, ваквиот потег на Владата легализира 12 часовно дневно работно време,што е опасен преседан спротивен на социјалдемократските вредности со кои се декларира оваа Влада“, дециден е членот на ССМ.
Тој додава и дека последните предлози за измена на ЗРО во насока на зголемување на неделното работно време со таканаречена „согласност“ на работникот, како и предлозите кои значат отстапување од договореното правило недела да биде неработен ден за најголем број на вработени во државата, дефинитивно покажуваат дека владата нема намера да функционира согласно принципите за социјален дијалог и активно учество на синдикатот карактеристичен за демократските и европски ориентираните државни системи.
„Нагласуваме дека прекумерната работа ги демотивира работниците, ја намалува нивната продуктивност. Концептот на пристојна работа кој е промовиран од МОТ, а прифатен од ССМ и од Владата и од другите социјални партнери, се залага за уредување на реални граници на работното време, минимални периоди на одмор во текот на денот, седмицата и годишен одмор, односно работното време треба да е организирано во насока на заштита и унапредување на здравјето и безбедноста во работата, како и да се гарантира можност за грижа за децата и семејството и вкупниот општествен живот“, нагласува Трендфилов.
Работниците, како што потенцира, немаат ниту уставна можност да се откажат од правото на дневен, неделен и годишен одмор, поради тоа што ова е темелно уставно право, кое работниците мораат да го уживаат.
Не смееме да дозволиме некој да си игра со животот и здравјето на работниците, па од тука и ССМ и Синдикатот за градежништво ќе ги искористат сите механизми кои им се на располагање за зачувување на овој постулат на работничките права, а тоа е пристојното работно време да важи за македонските работниците исто како што важи за европските работници. Не се работи само за работниците, за државата во целост се работи, па од тука национален и стратешки интерес треба да биде токму тоа, да ги заштитиме работниците и да ја зачуваме државата“, вели овој член на ССМ.