Во далечната 2008 година, Јост Бејкер, австралискиот еко-активист и поборник на филозофијата off grid (надвор од мрежата), додека водел ресторан со нула отпад во Мелбурн, дошол до идеја да направи експеримент за да докаже дека е навистина возможно да се живее во куќа средe градот и таа да биде целосно самоодржлива.
Бејкер смета дека трошењето на природните ресурси со цел да се нахрани човештвото е една од главните причини за експлоатација на Земјата, а со својот проект Future Food System сакал да покаже како е можно да се произведе и храна и вода и енергија во рамките на една куќа.
Така, среде Мелбурн, во текот на 10 месеци, од јули 2021 година до април 2022 година, со дозвола на градските власти, тој ја постави својата самоодржлива куќа наречена „Гринхаус“. Во текот на овој проект, во куќата живеел пар, готвачите Мет Стоун и Џо Барет, кои ја одржувале куќата и се хранеле исклучиво од храната што ја произведувале во куќата.
„Ние сме единствениот вид што создава отпад. Во природата нема отпад; сè станува извор на храна за нешто друго“, вели Бејкер. „Ако преминеме кон кружна економија, имаме толку многу потенцијал да го запреме уништувањето на дивиот свет и шумите, а „Гринхаус“ е куќа инспирирана од природата – екосистем каде ништо не се троши“, објаснил Јост Бејкер на почетокот на проектот.
Бејкер ја дизајнирал куќата, која може да се премести по потреба, на начин што можеби за нас е неверојатен. На пример, органскиот отпад се внесува во компостер каде што ферментира и се претвора во гас за готвење или ѓубриво за производите, а дождовницата се собира и се користи за наводнување и систем за аквапоника.
Дизајнот на оваа куќа е внимателно смислен до најмалите детали. Нема хемикалии, нема токсини и нема лепило. Ѕидовите се обоени со природна вар, ѕидниот систем е од компресирана органска слама, а плочките се од рециклиран бетон и може повторно да се рециклираат. Дрвото што може да се најде во куќата е природно исечено. Дрвените панели во ходникот се направени од 130 години стар чемпрес од Баларат кој бил погоден од гром.
Секоја функција на домот е дизајнирана да го намали отпадот или да користи нуспроизводи за нешто корисно. На пример, бањата е веднаш до ѕид од печурки кој ја користи пареата од тушот за да се впие низ ѕидовите и да создаде влажна средина за мицелиумот да расте. Овие печурки потоа создаваат јаглерод диоксид, кој го храни зеленилото што живее во соседниот атриум. „Тоа е како да живеете во екосистем“, вели Бејкер.
Тој објаснува дека дизајнот на куќата е наопаку, бидејќи темелот е на покривот. Поточно, покривот содржи 35 тони земја што помага да се одржи зградата на место и обезбедува плодна почва за одгледување на повеќе од 200 растителни видови, како и дом на многу инсекти, полжави, риби, ракови и кокошки.
Има и фарма за црви, аквапоник систем кој поддржува неколку видови риби и слатководни школки, како и неколку кокошки за да обезбедат јајца. Градините што се спуштаат по фасадата на куќата, обезбедуваат простор за одгледување на сè. Од грав, наут, леќа, тиквички, тиква и рукола до пченка, моркови, слатки компири, грашок, овес.