ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Во општиот бран на големата преселба на Јужните Словени, било извршено и нивно населување на просторите на Македонија. За самиот процес на преселбата, населувањето, борбите со Источното Римско Царство (ИРЦ), создавање и консолидирање на Склавинија, како и за разните словенски племиња и нивната организација, постои огромна литература, а многу опширно е изнесено во историите на македонскиот народ.
Судбината на староседелците, античките Македонци и латинофоните-Власи, била истоветна како и на жителите на Елада. Некои загинале, други биле заробени, трети побегнале во непристапните планини или во утврдените градови на континентот и во Тесалоника, односно се покориле. Со овие проблеми се занимава националната историографија, археологијата и лингвистиката во Македонија, кои ги изучуваат сопствената етногенеза и култура. Археолошките наоди сè до X век се оскудни, па затоа ова време од VI до X век се смета за еден од најмрачните периоди, по преселбата на Дорците. Меѓутоа, етнографските прилики можат прилично точно да се опишат, што ќе биде сторено подоцна.
Со населување на Словените, византиската власт на Балканот била парализирана. Сите магистрални патишта со Рим, Виа Игнација и други континентални правци биле прекинати. Единствено била возможна поморската комуникација. Исто така, економските и човечките ресурси биле пресушени. А голема опасност за ИРЦ биле и тековните војни со Персија. Во такви околности, ИРЦ ги презело, не само на Балканот, овие активности: воени и политички притисоци, тематски-воени организации на управниот систем, верска мисионерска пропаганда со прекрстување и културна и јазична ромеизација.
Како мостобрани за враќање на изгубените територии на Балканот, послужиле тврдините во Егеј и на Јадран. Покрај Цариград, биле и Тесалоника, Атина, Коринт, Петра, Драч, Котор, Сплит и други. Воените освојувања проследени со припојување на Склаванија со административното уредување на ИРЦ.
Со реорганизација на управниот систем биле создадени окрузи или теми (воени одреди), еден вид воена управа. На чело на темите биле стратези или генерали, кои биле под непосреден надзор на царот. Тие ја спроведувале воената и цивилната власт. Тематската организација најпрво била формирана во Мала Азија, а потоа на Балканот. Во крајбрежните рамници на Полуостровот, од крајот на VII до крајот на IX век, биле воспоставени повеќе од десет теми: Бугарија, Тракија, Македонија Далмација, Драч, Кефалонија, Крит, Пелопонез, Сирмиум, Солун, Србија, Стримон, Елада и други. Македонските Склавини, наоѓајќи се во непосредна близина на ИРЦ, не успеале да прераснат во посебни творевини (Стојановски и ср. 1988, стр. 30). Obelesky (1991, стр. 96) се подвлекува дека Склавините јужно од линијата меѓу Солун и Драч, до 900 година биле сведени на политичка зависност од ИРЦ и биле на пат системот на темите да ги абсорбира. Склавините северно од оваа линија, останале надвор од дофатот на византиската администрација и во текот на IX век се стопиле со словенските држави, Бугарија, Србија и Хрватска.
Доминацијата на Словените на Пелопонез изнесувала 218 години (Charanis, 1950, стр. 196). Заради долгогодишното битисување на Словените на тлото на Елада, нивната ромеизација и асимилација одела бавно и се правело сè да се успее во тоа. Така на пример, Словените од темата Патрас, кои биле потчинети во почетокот на IX век, станале слуги на локалните епископи и биле должни да плаќаат порези, да служат војска и да извршуваат разни должности наметнати на селаните. Ваквото однесување на ИРЦ довело до бунтувања на Словените. Заради нивното долговековно населување на Елада, во грчкиот јазик останале доста словенски зборови, посебно во топонимијата, како траги од словенското присуство.
И покрај сите судбински промени кои се случувале до најново време во Грција, изненадува податокот дека во современиот грчки јазик се наоѓаат околу 300 зборови со словенско потекло. Се работи за изрази од домашниот и селскиот земјоделски или овчарски живот (Conte, 1986, стр.47). Најмногу овие топоними ги има на Пелопонез, околу 429 и тоа во рамниците Арголида, Аркадија, Елида, па во Лаконија и Месина. Овие топоними се однесуваат на села, реки и планини. Тоа се на пример, називите: Хрвати покрај Микена, Горица покрај Мантинеја, Никла кај Тегеј, Велигости кај Мегалополис, Наварин наместо Пилос и други. Вишиќ (1999, 42) во своите ономастички истражувања во грчките повелби на српските владетели, изнесува дека во јанинската област на Епир, востановил 13 топоними со словенско потекло, 14 во Тесалија, а голем број имало на Света Гора и во Источна Македонија, посебно топоними во околината на Серес, со словенски ентитет.
Ова укажува на многу длабоки корени на Словените од племињата Језерити и Мелинги на Пелопонез. Заради тоа, сериозно звучи тезата на Falmerajer (Јаков Philipp Fallmerayer, 1790-1861) дека Грците во средниот век потполно подлегнале на словенизацијата и дека грчкиот народ како таков всушност не постои (Ostrogorski, 1969, стр.26 и Obolenky, 1991, стр.99).
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН