Во Скопје и околината наскоро ќе почне да работи нова телевизија – вчера Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги му одобри на друштвото „Преобразба“ да отвори телевизиски канал, пишува „Фактор“.
Според информациите на порталот, зад овој нов медиум, кој би требало да почне да зрачи наскоро, стои митрополитот преспанско-пелагониски на МПЦ-ОА, Петар, кој под световното име Петар Каревски е основач и сопственик на ДПТУ „Преобразба“.
Телевизијата доби дозвола за општ, претежно забавен формат, каков што имаат најголемиот дел од телевизиските станици во државава.
Во Одликата на Советот на АВМУ, меѓу другото, стои дека „се доделува дозвола за телевизиско емитување на програмски сервис со претежно забавен општ формат, на македонски јазик, на регионално ниво Скопје, што ги опфаќа градот Скопје и општините Чучер-Сандево, Арачиново, Илинден, Петровец, Зелениково, Студеничани и Сопиште, на правното лице ‚Преобразба“.
Дозволата се доделува на временски период од девет години, пишува во одлуката.